Воведувањето полициски час зависи од резултатите во следните два дена
Филипче објасни дека за дополнителни рестриктивни мерки се смета карантинот за одредени региони, како и воведување полициски час онаму каде што е потребно.
Утрово разговаравме за евентуално воведување нови рестриктивни мерки, но едногласно одлучивме да видиме како ќе се одвиваат работите во следните два дена и дури тогаш да размислуваме за носење одлука, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Тој објасни дека за дополнителни рестриктивни мерки се смета карантинот за одредени региони, како и воведување полициски час онаму каде што е потребно.
– Денеска исто така разговаравме и за планот за следните фази на олабавување на мерките. Заеднички беше донесена одлука за тоа да разговараме на крајот на оваа недела. Засега остануваат да важат сите мерки кои сега се на сила. За тајмингот на отворање на градинките и на границите ќе разговараме во следниот период – истакна Филипче.
Во поглед на ситуацијата во СДСМ, откако потпретседателот на партијата, Мухамед Зекири, објави дека е позитивен на коронавирусот, Филипче истакна дека дел од раководството кое имало контакт со заразениот, веќе е ставено во самоизолација.
– Во самоизолација се ставени потпретседателите Дамјан Манчевски и Мила Царовска. Во самоизолација е и Марјан Забрчанец, а позитивен на тестот е Сања Лукаревска. Во овој момент треба да заврши епидемиолошката анкета на премиерот Оливер Спасовски, но по сè изгледа дека и тој ќе оди во самоизолација – рече Филипче.
Тој истакна дека во изминатите 24 часа биле направени 727 тестирања за ковид-19, а 89 случаи се регистрирани за позитивни на вирусот.
– Регистрираниу се 17 оздравени и 7 починати пациенти. Двајца од починатите се од Скопје, двајца од Куманово, двајца од Тетово и еден од Струга. Вкупната бројка на дијагностицирани е 2.315 пациенти, а оздравени се 1.569. Очигледно е дека покрај високите бројки на новозаразени, сепак нема пациенти кои се јавуват во болниците, бидејќи тие се со лесна клиничка слика и се лекуваат дома. Тоа го потврдија епидемиолошките анкети во текот на вчерашниот ден. Тоа ни дава за право да кажеме дека здравствениот систем добро се справува со кризата и има доволно број кревети и респираторни машини – рече Филипче.
Тој исто така додаде дека 70 проценти од новозаразените пациенти се од веќе познати кластери, пред сè од општините Чаир и Сарај.
– Во Сарај ситуацијата спласнува. Денеска интензивно се работи во Студеничани и во Чаир. Во Штип, новозаразените пациенти се поврзани со вработените во неколку штипски конфекции. Таму се врши увид, а беше донесена и одлука да се затворат 5 конфекции до понеделник. Исто така, екипи на Центарот за јавно здравје денеска има и во Куманово. Согласно сите овие анализи беше констатирано дека нема неконтролирано ширење на вирусот – истакна Филипче.
Како што објасни министерот, анализата на епидемиолозите покажала дека бројката е повисока, но дека сите пациенти произлегуваат од контактите согласно направените анкети.
– Оваа стратегија продолжува и понатаму. На минатата прес-конференција информирав за слабата соработка со дел од граѓаните кои одбиваат да комуницираат со епидемиолозите. Уште еднаш апелирам дека вирусот постои и дека сите овие бројки се реални. Затоа, сите треба да соработуваат со епидемолозите. Апелирам и до МВР поинтензивно да врши контроли на теренот – посочи Филипче.