Воведена нова иновативна терапија за лицата со хемофилија

Нашата земја е прва во регионот, веднаш по земјите-членки на ЕУ Словенија, Хрватска и Бугарија, која овој лек го направи достапен за лицата со хемофилија. ​

364

Од почетокот на годинава за лицата со хемофилија е воведена иновативна биолошка терапија, која се администрира поткожно, еднаш неделно во домашни услови од самите лица, со што болните и чести венепункции стануваат минато за овие лица, информира Министерството за здравство.

–  Со оваа терапија (emicuzumab), дополнително и повеќекратно се намалува честотата од крварења. Со тоа, квалитетот на живот се крева на ниво на кое лицата со хемофилија функционираат комплетно независно, без непотребни отсуства од училиште или од работа – велат од Министерството за здравство.






До неодамна, како додаваат оттаму, профилактичната терапија се спроведуваше само кај деца до 18 години со честа интравенска администрација на концентрати на факторот VIII.

–  Профилактичната терапија е значајна бидејќи на тој начин се избегнуваат трајните оштетувања на зглобовите, предзивикани од честите крварења, кои за жал, понекогаш водат кон траен инвалидитет. Десет пациенти од нашата земја веќе ја користат оваа терапија  велат од Министерството.

 

Нашата земја, додаваат, е прва во регионот, веднаш по земјите-членки на ЕУ Словенија, Хрватска и Бугарија, која овој лек го направи достапен за лицата со хемофилија.

Согласно акциониот план за спроведување на „Националната стратегија за хемофилија и останати вродени нарушувања на системот за коагулација за 2019-2029 година“, освен подобрување на третманот на лицата со хемофилија се предвидува и имплементација на сигурен и ефективен третман на хемофилија во нашата држава, како и унапредување на евиденцијата на лицата со вродени нарушувања на системот на коагулација, преку имплементација на национален регистар и редовно ажурирање на сите релевантни медицински информации и соодветни трошоци, како и активности за превенција, рана детекција, третман на компликации и на тој начин кон подобрување на квалитетот на живот на лицата со хемофилија и останати вродени нарушувања на системот на коагулација за да се обезбеди интегрирана нега и навремено справување со можните компликации кај овие пациенти.

Поврзани содржини