ВОВЕДЕН ПОЛИЦИСКИ ЧАС ВО ЛОС АНЏЕЛЕС Трамп размислува и за активирање на Актот за востание
Актот за востание – едно од најекстремните вонредни овластувања на претседателот – кој дозволува ангажирање на војската на територија на САД за сузбивање немири и внатрешно насилство.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, воведе полициски час во центарот на градот поради ескалација на протестите против заострувањето на имиграционите мерки од страна на претседателот Доналд Трамп.
На прес-конференција, таа соопшти дека е прогласена локална вонредна состојба и дека забраната за движење ќе важи до среда во 06.00 часот по локално време.
-Достигнавме критична точка – изјави Бас, додавајќи дека 23 продавници биле ограбени.
Мерката се однесува на површина од еден квадратен километар, каде што протестите се интензивираат од петокот.
Началникот на градската полиција, Џим Макдонел, прецизираше дека мерката не важи за жителите, бездомните, акредитирани новинари и службите за итни интервенции.
Полициската управа синоќа објави дека „се во тек масовни апсења“ бидејќи повеќе протестни групи продолжуваат да се собираат во зоната на полициски час.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги нарече демонстрантите во Лос Анџелес „животни“ и „странски непријател“ за време на говор во воената база Форт Браг.
Тој го оправда распоредувањето на воени сили против демонстрантите кои протестираат против акциите на имиграциските служби насочени кон нелегалните имигранти.
– Ќе го ослободиме Лос Анџелес и повторно ќе го направиме слободен, чист и безбеден – изјави Трамп.
Трамп, кој армијата ја гледа како клучен инструмент за исполнување на внатрешни цели, ги искористи протестите во Лос Анџелес како повод за ангажирање на Националната гарда и маринците, и покрај противењето на гувернерот демократ на Калифорнија.
Немирите започнаа како протест против имиграциските акции, а викендов демонстрантите блокираа главна автопатска сообраќајница и запалија возила во центарот на градот со околу 4 милиони жители.
– Нема да дозволиме американски град да биде нападнат и преземен од странски непријател. Тие токму тоа се – изјави Трамп.
Тој најави дека размислува и за активирање на Актот за востание – едно од најекстремните вонредни овластувања на претседателот – кој дозволува ангажирање на војската на територија на САД за сузбивање немири и внатрешно насилство.