ВОНРЕДЕН НАДЗОР НА „ДРИСЛА“ Инспектори од животна средина ќе ја испитуваат водата и почвата по пожарот
Министерството за животна средина најави земање примероци од вода и почва за процена на влијанието врз околината.
Министерството за животна средина соопшти дека државниот Инспекторат за животна средина спровел вонреден инспекциски надзор на депонијата „Дрисла“ откако вчера околу 15:15 часот избувнал пожар, по пријава од Полициската станица Гази Баба.
На терен интервенирале екипи на ЈП „Дрисла“ со сопствена механизација, противпожарни возила и цистерни од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Присутни биле и овластени инспектори од СВР Скопје ЕЕКК, директорот на „Дрисла“, надлежни лица за животна средина и други вработени во јавното претпријатие.
– Наш приоритет е заштитата на здравјето на граѓаните и животната средина. Затоа ќе бидат земени примероци од подземните води и почвата од акредитирана лабораторија, за да се процени влијанието на пожарот и навремено да се преземат мерки – изјавија од Министерството за животна средина.
ЈП „Дрисла“ веќе доставило извештај од мониторинг станицата за квалитет на воздухот, а од надзорот е изготвен и официјален записник.
Од Министерството додаваат дека инспекциската постапка е во тек и се следат сите мерки за евалуација и отстранување на последиците од пожарот.