Воено претседавање со ЕУ
ЕУ на историски начин ги обедини силите по почетокот на инвазијата во Украина во февруари годинава. Германците ја преиспита целата своја повоена доктрина, Шведска и Финска поднесоа барање за членство во НАТО, а Брисел целосно се определи за историски санкции против режимот во Москва.
Финализирање на македонските преговори за членство во ЕУ до 2030 година, како поставена цел што ја најави премиерот Ковачевски, беше проследена со критики дека е недоволно втемелена врз реални процени. Таков амбициозен план за одредување конкретен датум пред година дена на ЕУ-самитот во Крањ се обиде да протурка поранешниот словенечки премиер Јанша, со тоа што ЕУ би се обврзала земјите од регионот на Западен Балкан да ѝ се придружат на Унијата до 2030 година.
Но, на Јанша тоа не му успеа. Самитот заврши во духот на познатите општи заклучоци, дека Западен Балкан му припаѓа на европското семејство – но потребно е повеќе време. Највлијателните европски лидери не сакаат да зборуваат за временска рамка, без јасни ставови за успешноста на спроведените реформи во земјите аспиранти за членство.
Ништо ново, односно дека „сè уште претстои долг пат“, не можеше да се слушне ни по најновиот циклус дискусии што добија замав по руската инвазија на Украина. ЕУ овојпат ветува повеќе пари и уште поблиски контакти со Украина, но на високиот претставник за европска надворешна и безбедносна политика, Жосеп Борел, како што можеше да се слушне од него деновиве, ни на крајот на паметот не му паѓа да зборува за какви било фиксни датуми за прием на нови источноевропски членки.
Веројатно никој досега не пропуштил да забележи дека ветувањата на Брисел се сосема јасни. ЕУ ќе продолжи да се залага за натамошно проширување кон Исток, но процесот е отворен во долгорочна перспектива, без преземање обврски за конкретно дефинирање на временски рамки. Но и кога ќе се погледне пократкорочно, таквото сознание едноставно не е можно да се заобиколи, и покрај тоа што очигледно е присутен извесен аутистичен пристап на гледање, или, всушност, затворање на очите, пред главните линии што го одредуваат развојот на Европа во наредните години.
Да го земеме примерот на Шведска, каде што во изминатите неколку недели во интензивната кампања во пресрет на парламентарните избори на 11 септември, војната во Украина речиси воопшто не беше ни спомената. Дури и покрај тоа што Шведска по неколку месеци ќе ја преземе претседавачката палка со ЕУ. Политичките партии, и тоа не само во Шведска, повеќе сакаат да зборуваат за теми и прашања со кои традиционално се позиционираат меѓу избирачите.
ЕУ на историски начин ги обедини силите по почетокот на инвазијата во Украина во февруари годинава. Германците ја преиспита целата своја повоена доктрина, Шведска и Финска поднесоа барање за членство во НАТО, а Брисел целосно се определи за историски санкции против режимот во Москва.
Сега, кога Русија го прекинува гасот и предизвикува енергетска криза од историски размери, многумина во Европа тврдат дека повторно мора да се направи истото, и да се демонстрира цврста обединетост пред Путин. Токму затоа зачестија критички гласови дека политичарите, без оглед дали се во предизборна кампања или не, не смеат да си дозволат да го премолчуваат фактот дека во непосредното соседство на ЕУ се води брутална војна, што има директно влијание на главните прашања што ќе ја диктираат атмосферата во Европа во наредните години – инфлацијата, енергетската криза, високите цени на прехранбените производи. Нема никакво сомнение дека на вратите на домовите на европските семејства наскоро ќе затропа историски тешка зима.
Проширувањето на ЕУ е едно од прашањата за кои во Шведска секогаш постои поддршка, посебно кога Стокхолм е ЕУ-претседавач. Но не и сега, кога војната во Европа, неконтролираниот пораст на цените на енергенсите и несигурната економска состојба се очекува да бидат главните прашања на агендата кога Шведска во јануари по трет пат ќе претседава со ЕУ.
„Би можел да речам дека поради негативниот развој што го гледаме околу нас во јануари ќе имаме воено претседавање со ЕУ“, рече неодамна шведскиот министер за европски прашања, Ханс Далгрен. Мора да се продолжи со притисокот врз Русија, и нејзино натамошно изолирање. Но и со натамошна поддршка на Украина, политички, економски, хуманитарно, и посебно воено, смета Далгрен, според чие мислење тоа е централно прашање што ќе го одржи единството меѓу земјите-членки.
Европската унија се соочува со можеби најтешкиот тест досега. Начинот на кој ЕУ ќе се справи со оваа исклучителна ситуација во наредните години може да биде апсолутно решавачко за цела Европа и за европската соработка. Во прашање силно се доведува стилот и начинот на живеење на кој Европејците се навикнаа во последните децении. Свеста за тоа драматично расте.
За ЕУ-проширувањето ќе има време за нови „позитивни дискусии“ и на идните ЕУ-самити. „Воено“ претседателство со ЕУ има поинакви приоритети. Иако секоја охрабрувачка изјава, како онаа на Димитар Ковачевски, со која се актуализира една од клучните стратегиски заложби на ЕУ, проширување со прием на нови членки, заслужува внимание. Балканот, всушност, заслужува многу повеќе внимание, освен потчукнување по рамото како израз на солидарна поддршка од Брисел. Тоа е речено неброено пати досега.
Но друго прашање е дали е избран вистински тајминг да се инсистира на повторно актуализирање на дискусиите околу тоа исклучително преџвакано прашање. Многу повеќе вреди да се дискутира дали воопшто постои волја за сериозно спроведување на реформите. За какви реформи може да се зборува кога во Македонија речиси секојдневно се зборува за проневера и злоупотреба на големи средства, во висина од стотици илјади, па и милиони евра, суми кои звучат шокантно дури и за оние во Брисел, Париз или Берлин што сметаат дека постојат некакви граници до каде може да се оди со коруптивни зделки и криминал. Или за какви реформи на пазарот на трудот и функционирањето на администрацијата може да се зборува кога единствен начин да се вработите во Македонија е да ве извлечат од џебот на некој партиски моќник, а вашата диплома да се стави во функција на статистичко пребројување на иселениците што ја напуштаат државата. И дали всушност некој воопшто верува дека е можна драстична промена до 2030 година. ЕУ-проширувањето е приказна која дефинитивно бара поинаков пристап. Ако некој се сомнева во тоа, нека се потруди да погледне малку одблиску. А тоа што може јасно да се види е дека Европа веќе има доволно многу главоболки.