ВОЕНАТА СОРАБОТКА НА ХРВАТСКА СО КОСОВО НЕ ЗНАЧИ СОЈУЗ Милановиќ вели дека договорот е гест на добра волја
Тоа беше акција преземена од хрватскиот министер за одбрана (Иван Анушиќ). Тој документ нема никаква правна тежина. Тоа е гест на добра волја, рече хрватскиот претседател на Факултетот за политички науки во Подгорица.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска во Подгорица изјави дека неодамна потпишаната декларација за воена соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово не значи сојуз и дека таа нема правна тежина.
– Тоа беше акција преземена од хрватскиот министер за одбрана (Иван Анушиќ). Тој документ нема никаква правна тежина. Тоа е гест на добра волја – рече Милановиќ на Факултетот за политички науки во Подгорица.
На прашањето на студентите за трилатералниот договор кој наиде на критики од Србија, Милановиќ рече дека тој не е меѓународен договор во строга смисла на зборот, ниту е според хрватскиот закон за меѓународни договори.
– Тоа е едно покажување кое е легитимно во политиката. На Србија тоа не и` се допадна, тоа му послужи како причина или изговор на претседателот (Александар) Вучиќ за некои домашни политички потези – рече Милановиќ.
Тој нагласи дека „тоа не е сојуз, и секако не е геополитика“.
– Геополитика е Украина, а Балканот никогаш не бил. Косово, за жал, е непризнаено од голем број членки на НАТО, Албанија е членка на НАТО, тоа е Алијанса од највисок ред. Во таа Алијанса е и Црна Гора – рече Милановиќ.
Хрватскиот претседател одржа воведно предавање пред студентите на Факултетот за политички науки во Подгорица на тема „Проширувањето на ЕУ како геополитички императив“, во кое го истакна значењето на државниот суверенитет и самопочитта.
Нагласувајќи дека е важно Црна Гора да остане фокусирана на Европската унија, Милановиќ оцени дека треба да се задржи достоинството и автономијата во одлучувањето.
Тој им порача на студентите „никогаш да не дозволат да бидат доведени во ситуација на емотивна или каква било друга уцена од оној од кого очекуваат нешто поради нивната прекумерна желба“.