Водителот на Олимпијадата отпуштен затоа што се шегувал со Холокаустот
Сè се случило пред 23 години, кога во еден комичен скеч Кобајаши заедно со свој колега глумеле дека се забавувачи на деца. Во скечот, Кобајаши наоѓа некои кукли од хартија, велејќи му на колегата дека тие се „оние од времето кога ми рече: да си играме Холокауст“, пренесува агенцијата АФП.
Отпуштен е водителот на шоуто на Олимписките игри непосредно пред денешната почетна церемонија затоа што протекло видео од 90-тите во кое тој се шегува со Холокаустот, пишува Би-би-си. Отпуштањето на Кентаро Кобајаши од шоуто е само дел од низата скандали кои ги зафатија игрите, а не е исклучена ни можноста тие да бидат откажани поради зголемениот број заболени од корона во последните денови.
„Ајде да си играме Холокауст“
Сè се случило пред 23 години, кога во еден комичен скеч Кобајаши заедно со свој колега глумеле дека се забавувачи на деца. Во скечот, Кобајаши наоѓа некои кукли од хартија, велејќи му на колегата дека тие се „оние од времето кога ми рече: да си играме Холокауст“, пренесува агенцијата АФП.
– Секоја личност, колку и да е креативна, нема право да се потсмева на жртвите на нацистичкиот геноцид – рече рабинот Абрахам Купер, соработник декан и директор на глобална социјална акција на Центарот Симон Визентал.
Кобајаши се извини за својот скеч преку видео порака.
– Забавата не треба да ги тера луѓето да се чувствуваат непријатно. Јас разбирам дека мојот глупав избор на зборови во тоа време беше погрешен и жалам за тоа – се вели во видеото.
Откази и поради навреди кон жените
Само неколку дена пред скандалот со Кобајаши, тимот на главната церемонија го напушти уште еден креативец. Еден од композиторите на музиката си отиде откако се дозна дека во своите школски денови малтретирал соученици кои биле со попреченост.
Неумесните шеги или говорот на омраза беа причина и за неколку други отпуштања во креативниот тим. Прво, во февруари, Јоширо Мори, член на организацискиот комитет беше принуден да замине затоа што рекол дека жените премногу зборуваат и дека состаноците со многу жени ќе „одземат многу време“.
Следеше отпуштањето на креативниот шеф Хироши Сасаки во март. Сасаки се подбивал со комичарката Наоми Ватанабе велејќи дека може да се појави на сцената како „Олимпиг“ (Олимписка свиња). Сасаки подоцна се извини, но тоа не ги смири страстите.
91 член на Комитетот веќе се позитивни
Откажани уште лани, па презакажани, а сега можеби пак ќе бидат откажани поради растечките бројки. Како ќе помине првиот натпревар на софтбол меѓу Јапонија и Мексико после денешното отворање на ЛОИ?
Според Ројтерс, скоро 55 отсто од луѓето во Јапонија се против почнувањето на игрите, откако неодамна се дозна дека дури 91 член од Комитетот станал позитивен на коронавирус. Поради зголемените бројки, на денешната церемонија во публиката ќе бидат само 950 луѓе.