ВОДЕВМЕ ФЕР, ЧЕСНА И КОНСТРУКТИВНА КАМПАЊА Герасимовски очекува в недела да ја потврди победата
Нашите очекувања и анализите кои ги имаме се дека поддршката расте, а во вториот круг ќе ја зголемиме разликата – вели Герасимовски.
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, во интервјуто за порталот „Пари” вели дека по резултатите од првиот круг и поддршката што ја добива од терен во изминатите денови, смета дека во недела, заедно со граѓаните на Центар, ќе ја потврди големата победа.
– Нашите очекувања и анализите кои ги имаме се дека поддршката расте, а во вториот круг ќе ја зголемиме разликата. Сметам дека водевме фер, чесна и многу конструктивна изборна кампања, која беше длабоко втемелена во програмата за следните четири години. Мојата програма не беше изборен памфлет туку сериозен стратешки и политички документ составен врз база на остварливи ветувања и проекти за секој дел од Центар и за секоја категорија граѓани. Ова е суштинската разлика меѓу мене и другата опција – истакнува Герасимовски.
Тој потенцира дека не се служел со ниски напади, лаги и манипулации како што тоа го правеа противкадидатите, туку се фокусирал на реални ветувања и конкретни проекти кои граѓаните на Центар ги препознаа.
– Центар и центарци не потпаѓаат на стари потрошени трикови и негативна кампања, знаат да препознаат искрен пристап и посветена работа, и затоа очекувам во недела да ми ја дадат поддршката – вели Герасимовски.
Toj најави почеток на целосна реконструкција на улица „50 Дивизија”, со која улицата ќе добие современ, функционален и безбеден изглед. Проектот предвидува еднонасочно движење и ново коловозно решение, со што ќе се подобри протокот на сообраќајот и ќе се создадат нови резидентни паркинг-места.
– Со проширување на тротоарите, поставување бариери против диво паркирање, ново ЛЕД осветлување и зеленило, овој потег ќе стане поурбан, побезбеден и поудобен за сите жители. Како трајно решение за паркирањето, предвидена е и катна гаража, со која конечно ќе се реши долгогодишниот проблем на граѓаните од овој дел на Центар – рече Гeрасимовски.
Тој најави и изградба на нова градинка во населбата по скандинавски терк, со што просторот добива целосно нова вредност, урбано, зелено и безбедно маало за сите центарци.
 
			