Водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи предупреди дека не е време за олеснување на строгите ограничувања на движењето, иако резултатите од сузбивањето на Ковид-19 се попозитивни дури и во жариштата како Њујорк.
Доктор Фаучи со предупредувањето одговори на изјавите на највисоките економски функционери во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кои и покрај повиците на здравствените експерти за продолжување на мерките за изолација, вчера најавија дека американската економија во мај би можела да почне со редовна работа.
– Се надеваме дека ќе се отвориме… многу, многу, многу, многу брзо, се надевам – рече Трамп на брифинг за коронавирусот во Белата куќа.
Фаучи, сепак, предупреди дека олеснувањето на ограничувањата нема да биде толку наскоро.
– Показателите сега се поволни, рече Фаучи во интервју за Си-Ен-Ен, осврнувајќи се конкретно на напредокот во Њујорк, кој е најтешко погоден од епидемијата, но веднаш предупреди дека „она што најмалку го сакаме сега е прерано да излеземе и повторно да се најдеме во истата ситуацијата”.
Со оглед на прославата на Велигден во недела, Фаучи ја истакна важноста да се задржи социјалната дистанца и рече: „Сега не е време да се повлечеме“.
– Природно е сега да бараме показатели дека постепено одиме напред и да ја отвориме земјата, но тоа зависи од голем број фактор -, истакна тој.
Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, исто така, го предупреди Трамп да не се обидува да избрза со мерките за олеснување.
– Се надевам дека научната заедница ќе преовладее и ќе рече:„ Не, не можете да го сторите тоа, ако одите премногу рано, со тоа само ќе ја влошите состојбата – рече Пелоси во интервју за Политико доцна синоќа