ВО ЖИВО Седница на ДИК за организација на изборите
Владата на синоќешната седница донесе Уредба за изборите, со која треба да се усогласат активностите на ДИК.
Државната изборна комисија попладнево одржува јавна седница на која се расправа за активностите поврзани со спроведувањето на предвремените парламентарни избори на 15 јули.
Седницата започна во 16:30 часот, а таму се разговара за Роковникот за предвремените парламентарни избори. Ревидираниот Роковник се носи откако вчера политичките партии се договорија предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули. Првично, изборите беа закажани за 12 април, но поради ширењето на коронавирусот изборните дејствија беа одложени.
Владата на синоќешната седница донесе Уредба за изборите, со која треба да се усогласат активностите на ДИК.
Уредбата предвидува, на изборите за пратеници во Собранието, закажани за 15 јули се применуваат одредбите од Изборниот законик, освен за оние дејствија за кои со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
„Спроведувањето на останатите изборни дејствија, кои не беа спроведени до стапувањето во сила на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 72/20), ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба, освен ако со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик и Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 70/20 и 154/20) до денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила се сметаат за важечки“, наведено е во Уредбата.
ДИК во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила објавува на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија согласно одредбите на Изборниот законик и оваа уредба со законска сила. ДИК ги презема и извршува сите технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик и оваа уредба со законска сила.