ВО ЈУРУМЛЕРИ СЕ ГРАДИ НОВА МРЕЖА ЗА ФЕКАЛНА КАНАЛИЗАЦИЈА Ќе се подобри квалитетот на животната средина и на јавната хигиена
Министерството за локална самоуправа преку Програмата за намалување на диспаритети потпиша нови 38 договори за нови проекти во висина од околу 88 милиони денари, а минатата недела, на седница на Советот за рамномерен регионален развој, донесена е предлог-одлука за поддршка на 47 проекти, за кои ќе се издвојат 116 милиони денари, кои ќе се реализираат во сите региони во државата.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински заедно со градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска извршија увид во градежните активности за изградба на вакумска фекална канализација во Јурумлери зона 1 и зона 2 со вкупна должина од 4.071 метар, а ја најавија и втората фаза од изведбата на проектот.
За неа, Општината аплицираше на вториот владин повик за поддршка на општински инфраструктурни проекти, чија вкупна вредност изнесува нецели 150 милиони денари, од кои речиси 145 милиони денари се побаруваат од Министерство за животна средина и просторно планирање, а останатите се кофинансирани од Oпштината.
Градоначалникот Стефковски истакна дека станува збор за проект особено значаен за Јурумлери и дека покрај новата канализациска мрежа, ќе се изградат и 189 индивидуални приклучоци за домаќинствата, со што значително ќе се подобри животот на граѓаните, како и квалитетот на животната средина и јавната хигиена. Притоа, посочи дека за последната фаза од овој проект аплицирале за средства на вториот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти и со чија реализација цело населено место ќе има канализациска мрежа со пречистителна станица.
– Владата покажува вистински партнерски однос кон граѓаните. Поддршката што ја добиваме е двигател за реализација на проекти кои се од суштинско значење за локалниот развој – истакна градоначалникот.
Според министерот Перински, овој проект е уште еден доказ за перманентна посветеност на Општината во насока на инвестиции и постигнување на рамномерен развој на целата територија на Гази Баба, што претставува императив за Владата.
– Станува збор за историски проект. Првата фаза е целосно финансирана од општинскиот буџет, а за втората фаза и комплетна реализација ние како централна власт ќе одвоиме близу 150 милиони денари. Навистина сум горд, поради тоа што кумулативно за овој проект ќе се издвојат близу 3,5 милиони евра и ќе се реши еден децениски проблем – изјави министерот, кој посочи дека централната власт преку двата јавни повика ги поддржува општините со околу 20 милијарди денари.
Во насока на локален развој, истакна Перински, Министерството за локална самоуправа, преку Програмата за намалување на диспаритети, потпиша нови 38 договори за нови проекти во висина од околу 88 милиони денари, а минатата недела, на седница на Советот за рамномерен регионален развој, донесена е предлог-одлука за поддршка на 47 проекти, за кои ќе се издвојат 116 милиони денари, кои ќе се реализираат во сите региони во државата.
– Ние како Влада, не само што продолжуваме во континуитет да ги поддржуваме сите општини во Македонија, туку истото го интензивираме. Ова што го кажав пред малку е доказ за тоа и јас сум убеден дека за многу кратко време ќе ги подобриме условите и ќе го подигнеме квалитетот на живот на сите граѓани во сите општини во Македонија – истакна министерот.