Во тотална ликвидација пред затворање се продава Македонија
Во последните денови од неговото владеење, на Заев му остана уште да потпише договор со Бугарија, па на попуст да ја продаде и Македонија.
Би поставил едно прашање коешто не е лошо некој попаметен од мене да го одговори, а тоа е дали баш 47-те фотелји за Алтернатива се тоа што на Македонија ѝ недостасуваше на патот кон Европа?
На заминување од премиерската функција, Зоран Заев ја распродаде Владата со која стопанисуваше, пардон раководеше во изминативе години. Во очајнички обид да ја задржи власта за својата партија, тој ја продаде на попуст.
На четирите пратеника од Алтернатива, кои од саботата се дел од мнозинството во Собранието, Заев им додели три министерски позиции, меѓу кои и Министерството за здравство, со што го продаде и својот миленик меѓу министрите, Венко Филипче. Но, тоа не е најстрашно бидејќи премиерот ги предаде и останатите сопартијци, откако топ тан ја продаде целата Влада во тоталната ликвидација пред затворање.
Алтернатива доби вкупно 47 функции во „предновогодишното пазарање“, па се плашам дека лидерот на партијата Африм Гаши е во голем проблем, бидејќи сега ќе треба да пронајде 47 луѓе за добиените функции, што во една партија која е мала и релативно небитна во политичкиот живот на Македонија, тоа воопшто нема да биде лесна задача.
Заев ги продаде и оние провладините мегафони што ламентираа со денови дека на Македонија ѝ е неопходна стабилна и проевропска влада. Тие на цел глас го оправдуваа тоа со гласините дека од Софија допираат поинакви тонови во врска со меѓудржавниот спор околу јазикот и историјата. Датумот за отпочнување на преговори за членство во ЕУ е на дофат, па затоа на државата не ѝ се потребни предвремени избори, туку окрупнување на владејачкото мнозинство. Наводно и Емануел Макрон решил да го смени ставот на Франција, а и самиот Марк Руте, премиерот на Холандија, ни кажа при неговата посета во Скопје дека се водат некакви тајни, да не речам фантомски преговори на релација Софија и Брисел, со цел да се симне ветото кон Скопје. Од тие причини и Кастриот Реџепи се премисли во критичниот момент и не се појави во Собранието за да го даде својот глас за недоверба на Владата, а слично одреагираа и од Алтернатива, чии четири пратеника ја сменија страната и од опозициските редови влетаа во владејачката коалиција.
Сè е ова точно освен тоа дека Бугарија ќе го смени односот кон Македонија, што беше потврдено од сите политички субјекти кои ќе влезат во новата влада на нашиот сосед. Македонија нема да добие датум во декември, а нема да добие ниту во јануари или во догледен период. Владата која повеќе не е на СДСМ, веќе нема капацитет за апсолутно ништо. Ни да го држи европскиот курс, ни да обезбеди струја во зимскиот период. Дека со пандемијата нема никакви шанси знаевме одамна, па ќе ни биде исто кога во министерството ќе заседне таму некој лекар од Алтернатива. Во Македонија и натаму ќе се умира на големо од ковид-19.
Во последните денови од неговото владеење, на Заев му остана уште да потпише договор со Бугарија, па на попуст да ја продаде и Македонија.
И што друго да се каже? А, еве уште ова. Македонија доби прозападна, проевропска, пронатовска и каква сè не Влада, која денеска ќе треба да смисли начин како да обезбеди струја. Во изминатиов период тоа го правеше на два начина. Или ја крадеше или, пак, позајмуваше пари за да ја плати. Тоа се тие западноевропски вредности.