Во свет на воинствени мажи, мирот доаѓа од жените
Можеби, еден ден, историјата ќе сведочи: „Додека светот беше заробен во спорови за власт и интереси, жените од Киев до балканските градови — станаа штит на животот и надежта.“
Во историјата, војните секогаш ги започнувале мажите. За столетија, светот се управувал според оваа лажна логика: мажите склучувале договори, командувале армии, освојувале, делеле, разрушувале, потоа изградиле повторно. Но, меѓу тие крвави поглавја, секогаш постоела една друга сила, потивка, невидлива, но долговечна: жените.
Во овој глобален систем каде балансирањето на силата и националните интереси диктираат сè, мирот често се сведува на студена, стратегиска калкулација. Во свет што се крена помеѓу војна и надеж, помеѓу дипломатска тишина и храбри гласови кои се осмелуваат да проговорат, токму жените сè повеќе заземаат место на првата линија во битката за мир и безбедност. И кога нивните напори добиваат признание од оние што секојдневно живеат во сенката на агресијата, пораката станува неописливо посилна.
Светот не страда од недостаток на моќни мажи. Страда од недостаток на мир.
Ова не е случајност. Децении наназад, глобалното лидерство беше бучно, но без слушање на болката. Обучено за стратегии, но неспособно за сочувство. Способно да започне војна, но неспособно да создаде мир. И во таа темнина што ја нарекуваме „светски поредок“, се појавија жените, не за да ги поправат последиците, туку да ја променат самата логика на тој поредок.
Мирот не е церемонија. Тој е чин на храброст. Битка против омразата, насилството, културата на агресија што се оправдува како „realpolitics“. Денес, повеќе од кога било, жените се најјасниот, најчистиот и најдоверлив глас на мирот.
Понекогаш историјата зборува гласно. И кога сме заробени во војна што не сме ја избрале, една жена проговорува. Го зема зборот во парламент, го крева својот глас на меѓународен собир. Не како воен експерт, не како стратег. Говори како човек, и тоа звучи посилно од која било стратешка анализа. Токму така се случи кога Елиса Спиропали, во име на Албанија, јасно и недвосмислено го артикулираше ставот против руската агресија врз Украина. Не како дипломат што бара рамнотежа, туку како жена што го чувствува товарот на неправдата.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ѝ го додели „Орденот на принцезата Олга, од првиот ред“ (“The Order of Princess Olga, First Class”), еден од највисоките државни ордени за странски личности кои даваат исклучителен придонес во време на војна. Тоа не е само медал. Тоа е доказ дека храбро кажаните зборови и дела надминуваат граници, и дека меѓународната солидарност е повеќе од дипломатски слоган, таа е човечки чин.
Не е случајно што орденот го носи името на принцеза. Историјата ги признава жените со титули: принцеза, кралица, прва дама, но ретко како лидери на мирот. Но вистинскиот мир не е титула, тој е тежина. И жените го носеле тој товар без славослов, без медали, без учебнички почести.
И ова не е само „западна“ појава. Таа се шири и на Балканот, во Источна Европа, во региони некогаш сметани само за минатото, но исполнети со потенцијал да го напишат своето утре. На крајот, ова признание е поракa: мирот не е отсуство на војната. Тоа е активна одговорност да се гради и штити.
Ова признание не е само прашање на учество. Тоа е прашање на влијание. Не треба да го гледаме како формално дипломатско признание, туку како јасен сигнал дека Украина, земја која сè уште се бори, го препознава и цени женското политичко лидерство, особено кога тој глас јасно и храбро се залага за правда и слобода. Тоа е симболот што ја вметна една жена на моралната и стратешката мапа во борбата за глобален мир и правда. Тоа е доказ дека храбрите лидери можат да произлезат дури и од региони што некогаш биле попришта на страдања.
Затоа, ова признание не е само дипломатско. Тоа е историско. Тоа сведочи дека и во региони опечалени од минатите конфликти, има жени кои не само зборуваат за мирот, туку активно го градат и го штитат. Албанија, иако мала на политичката мапа, се слушна гласно кога станува збор за правда и слобода , уште од првиот ден од агресијата врз Украина. Во таа обнова, фигури како Спиропали се суштински: тие го артикулираат ставот на правдата, на суверенитетот, на мирот.
Така, Елиса Спиропали не е само глас во албанската политика. Таа е дел од глобално женско лидерство кое го преобликува концептот на моќ во кризните времиња, дел од новата генерација жени што го редефинираат лидерството на светската сцена, и природно се вбројува меѓу највлијателните жени, лидерки кои не ја толкуваат моќта како доминација, туку како одговорност. Од Урсула фон дер Лајен, која ја одржа Европа обединета во време на војна и пандемија, до Јасинда Ардерн, која покажа дека емпатијата може да биде државничка сила; од Сана Марин, која ги урна стереотипите за младите жени во меѓународната политика, до Катерин Колона, која ја водеше француската дипломатија низ глобални тензии. Ова се жени што не го следат светот, туку го обликуваат.
Но оваа приказна за женското лидерство не завршува тука. Таа се проширува низ целиот регион таа е тивка револуција што се движи од Тирана до Скопје, од Сараево до Киев.. И во Македонија, во еден политички пејзаж што премногу често бил доминиран од тишината или од ехо на минатото, гласот на жените во мировната дипломатија станува се погласен, појасен, повлијателен, како повик што одекнува длабоко: дека без женско лидерство, секој договор е половичен, секој компромис е кревок, а секој мир е привиден.. Жените не се само дел од институциите, тие се дел од промената.
Улогата на жените во безбедноста и мирот не е привилегија што им е подарена од политичките системи , тоа е нужност што светот, конечно, почнува да ја согледува. Од салите на Обединетите нации до фронтовите на хуманитарните кризи, од малите парламенти на Балканот до говорниците на НАТО, жените не се повеќе сведоци — тие се глас, движење, акција. Тие не молчат. Тие обликуваат. Тие ја менуваат рамнотежата на моќта.Бидејќи иднината нема да се гради на она што го наследивме, туку на храброста да го промениме.
И можеби, еден ден, историјата ќе сведочи:
„Додека светот беше заробен во спорови за власт и интереси, жените од Киев до балканските градови — станаа штит на животот и надежта.“