Во странство по секоја цена – Македонците и во пандемија одат на сезонска работа

За работа во странство актуелни се Италија, Германија, Австрија Скандинавските земји, Швајцарија, Хрватска и Црна Гора, но од неодамна по долги години и Велика Британија.

996

Легално со работна виза или на црно,  граѓани од земјава заминуваат на сезонска работа во странство. Актуелни дестинации за работа се Италија, Германија, Австрија, Скандинавските земји, Швајцарија, Хрватска и Црна Гора, но од неодамна по долги години и Велика Британија.

Работат во фарми, на градежни објекти, како куќни помошници или негуватели на стари лица во угостителски објекти. Заработките се повисоки од оние кои би ги имале во земјава и за подобрите работни места и се движат од 800 до 1.500 евра.






Агенциите за вработување во странство велат дека и годинава, како и лани, многу помал е интересот за сезонска работа во странство.

– Дали граѓаните станаа попребирливи во барањето на работа или пандемијата ги направи помрзливи, сепак многу е помал интересот за сезонско вработување во странство од претходните години. Дополнително и неизвесноста околу отворањето и затворањето на границите и покомликуваниот влез во земјите го прават и испраќањето на работници поспецифично – вели Зоран Кочоски од Коузон.

Според него, поради мерките и пандемијата мала е побарувачката за работна сила во земјите каде што вообичаено одат нашите сограѓани.

– Германија, Италија, Австрија и Скандинавските земји и Швајцарија каде што вообичаено одат на привремена работа од земјите од Балканот сѐ уште се затворени. Малта за легално вработување целосно се затвори, дури и ги врати сезонците. Побарувачката во Хрватска и Црна Гора е преполовена. Ако во Хрватска оделе по 5.000 работници годинава најмногу што ќе може да заминат се 1.000 евра. Со еден збор, сѐ уште е неизвесно со пандемијата што влијае на работењето на угостителските објекти и градежните компании и намалената побарувачката за работници – вели Кочоски.

Моментално, додава тој, работна виза и сигурна работа има за сезонци во Велика Британија.

– По подолг период од 2005 година, Велика Британија повторно ја отвори програмата за вработување на сезонски работници од С Македонија. Се работи на фарма, односно на берба на овошје. Платите се солидни и се движат околу 1.400 до 1.500 евра, од кои може да се заштедат меѓу 800 и 1.000 евра месечно. Се работи 39 часа во неделата. Трошоците за стан и одредени даноци кои се плаќаат се некаде 650 евра. За нашите граѓани работната виза во Велика Британија чини околу 300 евра, а работата е обезбедена за шест месеци – додава Кочоски.

Преку оваа агенција годинава на фармите во Велика Британија ќе бидат испратени 150 работници иако има можност да бидат испратени најмалку 500 работници. Првата група од 70 веќе е замината, а за втората процедурите за работна виза се во тек.

– За овие работници е добро што и во наредните години ќе можат да аплицираат за работа на фарми во Велика Британија, значи можност за останување подолг период и поголема заработка – вели Кочоски.

Тој уверува дека од септември ќе има повеќе работа и за оние кои сакаат да работат на брод, бидејќи и самите компании кои имаат флота најавуваат поголем ангажман од септември.

– Летово најголемиот дел од компаниите ги закотвија бродовите и не пловат, но најавија дека од септември ќе имаат повеќе работа, најверојатно очекуваат поголем интерес на туристите – додава Кочоски.

Но, нашите сограѓани кои сакаат да работат во странство, не се подготвени да чекаат работна виза и легален престој со договорена плата и сигурно работно место. Најчесто одат кај свои роднини или кај пријатели и бараат работа на црно или се јавуваат на сомнителни огласи на Фејсбук, па потоа кога ќе стигнат кај работодавците се соочуваат со поинакви информации за платите и сместувањето.

На социјалните мрежи има голем број огласи за работа во странство. Се нудат работни места за обезбедување во Дубаи, келнери, хигиеничари, работа во перални, градежни работници во Германија, Хрватска и Црна Гора. како и во фарми во Скандинавските земји. Се нудат плати од 700 до 1.500 евра и повеќе.

– Ако чекам на работна виза или некакво легално вработување преку нашите и тамошните агенции ќе ми помине летото. Имам пријатели кои веќе работат таму и ми обезбедија работа кај нивниот работодавец. Сега чекам само да ми се овозможи да патувам и одам во Германија. Таму има секогаш работа за Балканци. Зависно од местото може да се заработи и до 1.500 евра. Тоа е далеку од она што го заработувам овде. Скоро цела 2020 година иако работам сум на минималец. а за враќање не размислувам. Ќе ја искористам секоја можност да останам што подолго таму – вели тетовец кој се подготвува подолго време да престојува во Германија.

Возрасната група која оди на работа во странство е од 19 до 50 години и со најразлични намери. Од заработка за добар одмор до обезбедување пари за свадби, купување на стан или автомобил.

Поврзани содржини