ВО СОВЕТОТ НА БИТОЛА НЕМА ДА ДОМИНИРА ЕДНА ПАРТИЈА Кондовски вели дека шареноликоста ќе биде компаративна предност

Кој ме познава добро, тој знае дека јас како човек од стопанството во секоја работа гледам можност и го користам најдоброто што може во одредена ситуација, рече Христо Кондовски, кандидат за градоначалник на Битола од редовите на СДСМ.

586

Шареноликоста на новиот Совет на Општина Битола ќе биде предност, а не недостаток во функционирањето на идната локална самоуправа на Битола. Ова вечерва во дебатна емисија на МТВ посветена на локалните избори, го истакна кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ и коалициските партнери, Христо Кондовски.

– Кој ме познава добро, тој знае дека јас како човек од стопанството во секоја работа гледам можност и го користам најдоброто што може во одредена ситуација. Сметам дека овој да го наречам граѓански Совет, шарен во составот, од повеќе политички партии, од СДСМ, Левица, Поинаку, ЛДП, ДУИ, ВМРО ДПМНЕ, токму ќе биде една компаративна предност. Јас сум човек што обединува и што знае да слуша, да носи брзи одлуки во интерес на граѓаните и сметам дека токму со овој совет можеме да ја исполниме програмата 100 проценти – рече Кондовски.






Тој додаде дека токму ваков совет ќе ги унапреди состојбите во локалната самоуправа.

– Со ваков совет, зборувам отворено, дури и ќе го изгубиме багажот на еднополитичка припадност и еднополитичка доминација. Тој совет ќе биде не малку, туку дефакто ќе биде Граѓански совет и тој Совет ќе може да придонесе за реализација на сите проекти, не само од нашата програма, туку и нешто плус од тоа, на коалиционите партнери да се прифатат идеите, проектите, брзо да се реализираат. Тој Совет ќе биде потврда за граѓаните дека она што ќе се сработи се работи вистински за Битола и битолчани. Не е само еднопартски, туку е шарен Совет. Јас знам и умеам со такви работи, знам да се вложам максимално, да бидам ефикасен менаџер во тој дел и убеден сум дека ќе успееме на битолчани да им го испорачаме најдоброто, а тоа е реализација на програмата 100 проценти, плус тие програми кои се на другите коалициони партнери. Еве отворено кажувам дека ги прифаќам нивните програми во иднина кога ќе влезат, бидејќи имавме многу конкретни проекти во нашата програма. Ќе ги прифатиме тие проекти и заедно ќе ги реализираме во интерес на битолчани – рече Кондовски.

Поврзани содржини