ВОЈСКАТА ЌЕ МОРА ДА СЛУША АКО ТРАМП ПРОГЛАСИ ВОНРЕДНА СОСТОЈБА Ќе бидат ли гонети илегалните мигранти по улиците во САД?
Во својот прв мандат Трамп отворено размислуваше за употреба на сила против демонстрантите во протестите за убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, тврди неговиот поранешен секретар за одбрана, Марк Еспер.
Десетина челници во Пентагон, меѓу кои пензионирани офицери и актуелни воени адвокати се загрижени за можност новоизбраниот американски претседател да прогласи вонредна состојба исполнувајќи ја својата најава – дека ќе ги протера илегалните мигранти од државата.
Дали војската би имала друг избор освен да ја послуша наредбата? Се стравува дека домашната употреба на активни трупи може да доведе до крвопролевање, имајќи предвид дека редовната војска е главно обучена да пука и да убива странски непријатели.
– Сè што слушам е дека нашата обука е катастрофа. Не сум сигурен дека сега ја имаме дисциплината каква што ја имавме пред 32 години – вели пензионираниот генерал-полковник Марвин Ковалт.
Последен пат кога американски претседател ја користеше американската војска дома според Законот за бунт беше за време на смртоносните немири во Лос Анџелес во 1992 година. Бриселски „Политико“ пишува дека работите овојпат може да бидат многу полоши, повикувајќи се на воен адвокат кој сака да остане анонимен во изјавата.
Пензиониораниот полковник Ковалт вели дека во 1992 година не добил директни наредби од Буш. Тој по своја волја им се обратил на новинарите откако пристигнал во Лос Анџелес:
– Ова не е воена влада. Причината поради која сме тука е да создадеме безбедна и сигурна средина за да можете да се вратите во нормала – изјавил полковникот.
Таму бил и Даглас Оливант, тогаш млад поручник во армијата. Тој вели дека сè поминало сосема глатко бидејќи полицијата ja добила задачата да воспостави ред. Неговата 7-ма пешадиска дивизија не морала никого да затвора или да пука.
Но, 28 години подоцна, кога убиството на друг Афроамериканец, Џорџ Флојд, на моменти предизвика насилни протести низ целата земја, тогашниот претседател Трамп отворено размислуваше за употреба на сила против демонстрантите, тврди неговиот поранешен секретар за одбрана, Марк Еспер.
„Трамп ме праша: Не можете ли само да ги пукате? Пукајте им во нозете или нешто слично“, напиша Еспер во мемоарите од 2022 година.
Трамп наводно го советувал генералот Марк Мајли „да ги претепа демонстрантите“ и „да им ги скрши черепите“.
Некои вклучени во тековната дебата велат дека се загрижени дека Трамп овој пат нема да биде толку воздржан. Тој го полни Пентагон и тимот за национална безбедност со цврсти лојалисти. Загриженоста не е само колку сила може да се употреби, туку дали војниците ќе бидат редовно распоредени за да ги унапредат политичките интереси на новата администрација.
Греам Парсонс, професор по филозофија во Вест Поинт, кој во септември ги повика воените офицери и војниците да размислат да се спротивстават на „политизираните“ наредби.
– Дури и да го поправиме законот, која е вистинската работа да се направи? Ако претседателот се повика на Законот за бунт, навистина не знаеме која е етичката рамка. Меѓу воените адвокати, ова е целосно неистражена територија – вели Парсонс, експерт во Вест Поинт.
Тој додава дека по закон наредбата ќе мора да биде спроведена од вооружените сили дури и ако тие сметаат дека е „морално одвратна“.