Во Прилеп само по седум тестови на ден, од понеделник и брис од дома со мобилни тимови

Електронскиот систем дозволува и итност во закажувањето на „Мој термин“,  а со мобилно возило ќе се оди и до домот на пациентите - рече Филипче.

1,335

Во Прилеп можат да се тестираат само по 7 граѓани дневно преку системот „Мој Термин“, а има и лица во самоизолација кои се уште чекаат да им се направи проверка дали се заразени. Како до повеќе тестови за жителите на градот во кој досега има шестмина заразени со новиот вирус, го прашаа денеска новинарите министерот Филипче.

–  Електронскиот систем дозволува и итност во закажувањето на „Мој термин“,  а со мобилно возило ќе се оди и до домот на пациентите. Од понеделник ќе има истурен систем на мобилни тимови за тестирање, ќе почнеме во Скопје. Овие тимови ќе одат дома кај граѓанинот за да го земат брисот, за да се избегнат контактите. Но ако некој  има симптоми нека се јави за тест во било кое време во Кол центарот ! Планираме мобилните екипи да профункционираат во целата држава – најави денеска министерот за здравство.






До вчера имало 17 заболени медицински лица, а Филипче потенцира дека дел од нив не биле свесни дека имале контакт со заболен и посочи примери во Скопје, Куманово, како и Кавадарци каде што допрва ќе се испитуваат. Според него, бројот на заболени медицински лица со коронавирус воопшто не е поради непочитување на протоколите.

– Во однос на здравствените работници, сакам да кажам дека апсолутната бројка на заболени здравствени работници не е од директен контакт со болните или поради несоодветен пристап. Има здравствени работници кои практично биле во контакт со заболени, дел од нив несвесни дека тоа е ситуација, и друг дел како ова на Кардиологија… Дали некој свесно со знаци за покачена телесна температура, и тоа одел на работа и, ќе повторам, ќе биде најстрого санкционирано – рече министерот.

Досега се направени вкупно 1.800 тестови во целата земја.  Филипче нагласи дека на светско ниво има многу излекувани пациенти.

– Втората одлична работа е што имаме многу голем број на пациенти што се на домашно лекување. Има мал процент и во светски рамки пациенти на кои им е потребна респираторна поддршка. Каков ќе биде исходот, зависи од болести претходни или хронични, но тоа не секогаш е правилно. Затоа, на сите пациенти им се пристапува многу сериозно. Се надевам дека нема да има пациенти со крива на пораст која ќе биде многу остра – додаде министерот.

Во однос на тестовите, тој го повтори објаснувањето од вчера дека дека постојат два типа на тестови.

– Едниот открива присуство на вирусот и е знак дека е човекот носител и може да ја шири болеста. Овие  резултатите се готови за три до четири часа. Вториот тип е т.н. брз тест и детектира антитела, односно покажува дали некој бил веќе во контакт со заболен без да знае можеби, во некоја сосема лесна форма. Тој тест може за кусо време да ги покаже антителата – појасни Филипче.

 

Поврзани содржини