Во Македонија нема животни заболени со ковид-19, најмногу се внимава на шимпанзата во Зоолошка

Ветеринарите поседуваат ПЦР-тестови со кои се откриваат одредени видови на коронавирусот, но засега немаат откриено ниту еден примерок на заболено животно со ковид-19.

263

Научниците од САД открија дека ковид-19 од луѓето преминал на диви елени. За разлика од таму, кај нас состојбата засега е смирувачка и не се забележани позитивни животни на САРС-КоВ-2, како и со антитела.

Плусинфо контактираше со неколку ветеринарни лекари кај нас, кои информираат дека досега немаат добиено никакво известување од Агенцијата за храна и ветеринарство, која е надлежен орган да ги известува, доколку се забележат животни позитивни на ковид-19 или доколку бидат пронајдени антитела на вирусот САРС-КоВ-2.






– Во оваа година и пол, колку што трае пандемијата, немаме забележано случај на пренесување на САРС-КоВ-2 од човек на животно и обратно, а исто така немаме добиено ниту известување од АХВ. Се појавуваат одредени информации дека се забележани примероци на коронавирусот кај животни, но во семејството на коронавирусот има различни под вируси, кои немаат врска со ковид-19 и не се пренесуваат од луѓето на животните или обратно – информираат ветеринарните лекари.

Тие додаваат дека поседуваат ПЦР-тестови со кои се откриваат одредени видови на коронавирусот, но засега немаат откриено ниту еден примерот на заболено животно со ковид-19.

Во моментов мирно е и во скопската Зоолошка градина, од каде што за Плусинфо информираат дека редовно ја следат состојбата и здравјето на животните, но досега немаат забележано, ниту откриено некакви симптоми кај некое од животните.

– Кај нас не се правени ковид-19 испитувања, ниту пак се забележани некакви симптоми кај животните во овие година и половина. Доколку во иднина се појави таков случај, секако ќе направиме испитувања и тестирање во соработка со Ветеринарниот факултет во Скопје. Но, засега се е нормално, а движењето е по протоколи околу животните кои потенцијално би биле ранливи на вирусот, според она што го имаме добиено како листа. Најмногу внимаваме на шимпанзата – ни одговори портпаролката на ЗОО, Тина Мицковска.

Досега во светот беа откриени неколку случаии на ковид-19 кај животни, а најновиот случај е откриен во државата Мичиген, каде 67 проценти од дивите елени имале имунолошки маркери на коронавирус во крвта. Ова е прв доказ за распространета изложеност на ковид-19 кај дивечот.

Во текот на минатата година повеќе од 17 милиони куни се уништени и закопани во Данска, со цел да се спречи мутиран коронавирус, кој е забележан кај овие глодари. Данска е најголемиот одгледувач на овие цицачи, а мутираниот вирус се појави на некои од многуте фарми на северот на земјата. Инфекцијата се прошири на 207 фарми за куни, претежно на северот на полуостровот Јутланд, при што вирусот зарази и 12 лица.

 

Поврзани содржини