Во ИТ сектор има 551 слободно работно место, а во енергетскиот само 13
Податоците на Државната статистика покажуваат дека најмногу слободни места има во услужниот сектор и продажбата, вкупно 2.103.
Во првото тримесечје од 2021 година стапката на слободни работни места изнесува 1,58 отсто, пресмета Државниот завод за статистика.
Најголем број слободни работни места според занимања има во услужните дејности и продажба вкупно 2.103, следат техничари и сродни занимања 1.969, службеници за кои има 855 слободни работни места како и ракувачи и составувачи на машини и постројки вкупно 811. Податоците покажуваат дека има и 704 слободни места за стручњаци и научници.
Според секторите најголем број слободни работни места има во преработувачката индустрија – 1.460 слободни работни места, во градежништвото – 1.441 и во трговијата со 1 212. Најмалку работни места или само 13 се ослободени во енергетскиот сектор. Во најплатените сектори комуникации и информации се слободни 551 работно место.
Според податоците на Државниот завод за статистика, највисока стапка на слободни работни места од 4,98 отстои има секторот градежништво, додека најмала е стапката во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 0,15 отсто.
Деловните субјекти со број на вработени од 3 до 9 имаат највисока стапка на слободни работни места, која изнесува 2,39 отсто или околу 2.266 места.
Скопскиот регион има највисока стапка на слободни работни места, која изнесува 1,80 отсто, додека Полошкиот регион скоро и да нема отворени слабодни работни места. Стапката на слободни работни места во овој регион изнесува 0,89 отсто.