ВО ИРАНСКИТЕ НАПАДИ ВРЗ БАХРЕИН ПОГОДЕНИ СТАНБЕНИ ЗГРАДИ И ХОТЕЛ Таргетирана е и голема поморска база
Бахреин соопшти дека пресретнал десетици ирански ракети и повеќе од 120 ирански беспилотни летала.
Неколку згради се оштетени во денешниот ирански напад врз главниот град на Бахреин, Манама, соопшти Министерство за внатрешни работи. Две станбени згради и хотел во главниот град Манама беа цел на иранската агресија, се наведува во соопштението на бахреинското МВР.
Иранските напади во Бахреин се насочени кон станбени области, нафтен објект и голема американска поморска база. Досега во иранските напади загина едно лице.
Полуофицијалната иранска новинска агенција „Фарс“ објави дека ноќешните напади врз главниот град на Бахреин, Манама, биле насочени кон деловниот комплекс „Фајненшл Харбор Тауерс“, каде што се наоѓа израелската амбасада во градот, како и згради во кои живеат офицери на армијата на САД.
Новинската агенција „Ројтерс“ објави денеска дека ирански дрон бил пресретнат и уништен во близина на комплексот.
Во соопштение, Генералната команда на Одбранбените сили на Бахреин соопшти дека уништила вкупно 78 ракети и 143 дрона насочени кон територијата на Бахреин, во напади што ги опиша како „предавнички“ и изведени од Иран.
Командата наведува дека „се гордее со високото ниво на борбена подготвеност и будност што го покажаа нејзините припадници“. Војската ја повика јавноста да остане во своите домови и да излегува само „во случаи на крајна неопходност“.
Во вкрстениот оган на војната се најдоа повеќе земји од Персискиот Залив, арапски држави, како и Турција и Азербејџан.
Иранската армија соопшти дека нејзините неодамнешни напади во Кувајт биле насочени кон американски бази и дека наскоро ќе следуваат нови. „Во изминатите неколку часа, различни видови разорни дронови на копнените сили на армијата во голем број ги гаѓаа американските воени бази во Кувајт“, објави иранската државна телевизија, цитирајќи ја армијата. „Овие напади ќе продолжат во наредните часови.“
Министерството за внатрешни работи на Катар потврди дека цел на напад билa воздухопловната база „Ал Удеид“.
– На петтиот ден видовме два балистички проектила насочени кон базата, при што еден погоди, а другиот беше пресретнат. Во однос на проценката на штетата, засега нема јасни индикации. Безбедноста во моментов е многу засилена околу сите овие чувствителни локации во Катар – јави дописникот на Ал Џезира, од Катар, Зеин Басрави.
– Она што го гледаме е образец на однесување од страна на Иран – не само во Доха, туку и низ земјите од Советот за соработка во Заливот – да се фокусира на полесно ранливи американски цели, како и на американски воени бази“, додаде тој.
Претходно, властите издадоа предупредување дека нивото на безбедносна закана е зголемено, повикувајќи ги граѓаните да останат во своите домови и да се држат подалеку од прозорци и други изложени места.