Во изминатите 24 часа, во Грција починаа 108 лица од ковид-19, што е нов негативен рекорд на смртни случаи на дневно ниво во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Приклучени на апарати се 522 пациенти, односно тројца повеќе од вчера.
Во однос на новозаразените, во споредба со вчера и завчера, бројот е намален, регистрирани се 2.311 нови случаи, од кои 606 се во Солун и 382 во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Од почетокот на епидемијата, во Грција се регистрирани вкупно 90.121 лица заразени со коронавирусот, а починаа 1.527 лица.
Во Словенија се потврдени 1.690 нови позитивни случаи на коронавирус од направени 6.580 тестови во последните 24 часа, а 31 лице почина како резултат на ковид-19, со што вкупниот број на смртни случаи достигна повеќе од илјада, соопшти денеска словенечката влада.
Уделот на позитивни тестови е 25,68 проценти, што е помалку од претходниот ден, иако беа откриени повеќе инфекции поради опсегот на тестирање.
Вкупниот број на позитивни случаи од почетокот на епидемијата се зголеми на 64.270, а бројот на починати на 1.026.
Во моментот во болниците има 1.219 пациенти со ковид-19, што е за 21 пациент повеќе од претходниот ден, а во единиците за интензивна нега има уште 197 пациенти во тешка здравствена состојба.
Поради големиот број заразени меѓу медицинскиот персонал, систематското и задолжително тестирање на коронавирус ќе започне во здравствените установи од почетокот на следната недела. Здравствените работници ќе бидат тестирани најмалку еднаш неделно, а владата нареди подготовки за слични тестови во домови за стари и изнемоштени лица.