ВО ЕДЕН ДЕН КАЗНЕТИ ДУРИ 46 ЛИЦА СО ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ Корисниците на овие возила сѐ почесто ги има во полицискиот билтен и во болниците
Институциите апелираат до возачите на електрични тротинети да бидат одговорни. Не станува збор само за почитување на законот, туку и за сопствената безбедност. Еден момент невнимание може да заврши со сериозни, па и со трајни последици.
Засилените сообраќајни контроли на полицијата изминативе денови не ги заобиколија ниту возачите на електрични тротинети. Само вчера, според официјалните податоци на МВР, биле изречени дури 46 прекршочни платни налози за сторени сообраќајни прекршоци од возачи на овие превозни средства. Сите тие се соочуваат со законски предвидените глоби.
Смеат да возат само по велосипедска или по пешачка патека
Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП) во повеќе наврати предупредуваат дека возењето тротинет без заштитна опрема, возење во спротивен правец, се едни од најчестите прекршоци кои ги прават возачите на електричните превозни средства. Сѐ поголем број пријави има за повредени возачи и пешаци.
– Како поважни одредби со кои се регулира учеството во сообраќај со електричен тротинет се издвојуваат: возачот на електричен тротинет е должен да го управува тротинетот по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци (се забранува движење со тротинет на коловоз); возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека, односно лента со брзина поголема од 25 km/h, додека по тротоар, пешачка патека или друга површина наменета за движење на пешаци, не смее да се движи со брзина поголема од 6 километри на час – посочуваат од Републичкиот секретаријат за безбедност во сообраќајот.
Мора да носат заштитен шлем и рефлектирачки елек
Според законските одреби, електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст; возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото (треба, но нема санкција за неносење); возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, е должен да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото. На електричниот тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна.
Од МВР велат дека го поттикнуваат користењето на електричните тротинети како превозни средства и придобивките од нив, но апелираат до возачите да ги почитуваат законите.
– Го потикнуваме користењето на велосипеди и електрични тротинети кои како категорија на возила не придонесуваат во загадувањето и го намалуваат метежот во сообраќајот, но напоменуваме дека и тие возила мора да се управуваат одговорно, со почитување на пропишаните правила и прописи за безбеден сообраќај за сите нас – велат од МВР за Плусинфо.
Не се почитуваат прописите
Состојбата на терен, сепак, покажува дека малкумина ги почитуваат законските прописи, особено кога станува збор за носење шлем или рефлектирачки елек.
Во полициските билтени речиси нема ден да не се регистрираат случаи на удрени возачи на електрични тротинети, падови, судири со пешаци или со велосипедисти. Честопати завршуваат со тешки телесни повреди и со болничко лекување.
Поради тоа, институциите апелираат до возачите да бидат одговорни. Не станува збор само за почитување на законот, туку и за сопствената безбедност. Еден момент невнимание може да заврши со сериозни, па и трајни последици.