ВО ЕДЕН ДЕН ИЗМАМИЛ ТРОЈЦА СО ФИНТАТА „ЛАЖНИ СООБРАЌАЈКИ“ Битолската полиција го уапси измамникот
Полициски службенци од СБР Битола го лишиле од слобода Б.А. и при преглед кај него пронајдени се мобилен телефон и паричник со пари кои потекнуваат од кривичните дела. Со него е извршен службен разговор, при што го признал делата, соопшти битолската полиција.
Битолската полиција уапси измамник кој вчера успеал да прелаже 3 повозрасни лица во Битола да му дадат пари, со измислената приказна дека нивен близок направил сообраќајка.
„По преземени мерки и активности во координација со Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ, СВР Битола до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против Б.А.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело Измама. На 23.10.2025 година пријавениот со уште едно лице во 3 наврати и со лажно прикажување или со прикривање факти измамиле 88-годишна битолчанка и 67-годишен битолчанец и се обиделе да измамат 92-годишен битолчанец“, соопшти полицијата.
Делото, се додава, го сториле на тој начин што другото лице телефонски им се јавило и ги довело во заблуда дека нивни блиски направиле сообраќајна несреќи и доколку не сакаат да одат во затвор ќе треба да им платат одредена сума на пари.
„Битолчанката на возраст од 88 години и 67-годишниот битолчанец им дале 54.000 денари и 22.000 денари, а парите ги земал првопријавениот. Додека, 92-годишникот откако тргнал да ги однесе парите на договореното место, бил спречен од неговите син и снаа. По преземени мерки, истиот ден во 17:10 часот во Битола, полициски службенци од СБР Битола го лишиле од слобода Б.А. и при преглед кај него пронајдени се мобилен телефон и паричник со пари кои потекнуваат од кривичните дела. Со него е извршен службен разговор, при што го признал делата“, соопшти СВР Битола.