ВО ДОМАШНИТЕ ХОТЕЛИ ЌЕ ПОСЛУЖУВААТ СТРАНЦИ, НАШИТЕ УГОСТИТЕЛИ ЗАМИНАА ВО СТРАНСТВО Почна походот за сезонска работа

Агенциите кои посредуваат при вработување сезонци во странство велат дека интересот е голем, но дека голем број работници заминуваат без нивно посредство. Дел од нив се вработуваат преку познајници, а дел се јавуваат на огласите директно кај  работодавачите. Годинава има интерес за работа во Хрватска, Црна Гора, а има огласи и за Грција, Кипар и за други земји.

3,075

И годинава во хотелите во домашните туристички центри ќе работат странци, бидејќи македонските угостителски работници од овој месец веќе заминуваат на сезонска работат во странство. Интересот за работа во другите туристички земји расте бидејќи платите се повисоки од домашните, а странците кои доаѓаат кај нас се подготвени да работат за нашите плати. Најголем интерес за работа во хотели и во други угостителски објекти има за во Хрватска, Црна Гора, Грција и во Кипар.

Од Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) велат дека, како и минатата година и годинава, кусокот од работна сила ќе го пополнуваат како знаат и умеат.






– Проблемот со заминување на работниците на сезонска работа се повторува секоја година. Веќе следниот месец дел од работниците заминуваат на сезонска работа. Ќе се покриваме некако и годинава со обезбедување работници од странство. Минатата година се покажаа добри работниците кои ги увезовме и се надевам дека и годинава ќе биде така – вели претседателот на Асоцијацијата Крсто Блажески.

Агенциите кои посредуваат при вработување сезонци во странство велат дека интересот е голем, но дека голем број работници заминуваат без нивно посредство. Дел од нив се вработуваат преку познајници, а дел се јавуваат на огласите директно кај  работодавачите. Годинава има интерес за работа во Хрватска, Црна Гора, а има огласи и за Грција, Кипар и за други земји.

– Интересот за сезонска работа во Хрватска годинава е поголем од лани. Таму годинава пораснаа платите, посебно минималната плата што доведе до поголем интерес на кандидати за пониските позиции (собарки, хигиеничарки…). Овој месец заминаа првите работници кои се јавија на декемвриските огласи, а се очекува во наредниот период да заминат и останатите – вели Милан Џинлев од агенцијата за посредување при вработување во странство „Приорити солуции“.

Оваа агенција соработува со големите хотелски комплекси во Хрватска и нејзините очекувања се дека во сезоната ќе испрати 200 сезонци што зависи од тоа колку од граѓаните кои сакаат да работат во странство сакаат да се вработат преку агенција за посредување при вработување.

– Соработката со овие хотели ја прави посигурна работата на сезонците бидејќи се со корпоративно управување и со почитување на законите, па и работниците кои заминуваат на работа таму знаат што ги очекува. Бројот на луѓе кои ќе заминат зависи од потребите на хотелите кои се движат во просек по 30. Но да бидеме јасни, во овие хотели не се вработуваат само работници од Македонија. Од годинава покрај работници во угостителството и туризмот, подготвуваме работници и за компанијата „Плива“, а во тек се преговори и со уште еден производител на храна – вели тој.

Од агенциите велат дека висината на платата зависи од работното место, искуството, вештините и од работодавачот, но се повисоки од ланските.

За келнери платата се движи од 1.000 до 1.500 евра, шанкери можат да заработат од 1.100 до 1.600 евра месечно, а платата на рецепционерите се движи од 1.000 до 1.400 евра.

Од персоналот во кујната, најголема побарувачка има за готвачи, чии плати се движат од 1.800 до 2.500 евра, додека главните готвачи можат да заработат и до 3.000 евра. Мајсторите за скара може да очекуваат да заработат од 1.400 до 1.900 евра, а барани се и пица мајстори, со плати меѓу 1.900 и 2.500 евра.

Помошниците готвачи заработуваат од 1.400 до 1.800 евра, додека помошниците во кујната може да очекуваат да заработат меѓу 900 и 1.400 евра.

Во хотелиерството има значителна побарувачка за собарки чија плата се движи од 900 до 1.400 евра.

Оваа година, според проекциите на експертите и синдикатите, на Хрватска ѝ недостигаат меѓу 55.000 и 65.000 сезонски работници во туризмот и угостителството.

Слична е ситуацијата и во Црна Гора, каде што Стопанската комора проценува дека ќе бидат потребни околу 20.000 сезонски работници.

Според податоците на Централниот завод за статистика, просечната нето плата во Хрватска во февруари годинава била 1.361 евро, додека јануарската просечна нето плата во Црна Гора изнесувала 1.198 евра, а во угостителството таа изнесува 1.174 евра.

Покрај во овие земји, агенциите нудат сезонска работа и во Грција и во Кипар во траење од 3, 6 и 9 месеци. И таму вработувањата се главно во хотелската индустрија. Покрај персонал за чистење и одржување на просториите, персонал за послужување и за во кујна се бараат и кандидати за фризери, гимнастичари, помошници за плажа, ноќни чувари, магационери, терапевти во спа-центри и слично.

Поврзани содржини