ВО ДЕКЕМВРИ ЌЕ СЛАВИМЕ ДАТУМ, АМА НОВА ГОДИНА Бугарија ‘рже со ветото в уста!
Интерес е и на Бугарија и на Америка и на Грција да започнат преговорите на Македонија со Европската Унија, меѓутоа нашиот источен сосед сака да ја зајакне својата позиција и да ни ги поткастри крилјата, вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.
Иако воопшто не ја спомна Македонија во своето прво обраќање по победата на претседателските избори во Бугарија, сепак, не беше тешко да се сфати дека старо-новиот шеф на бугарската држава Румен Радев ни испраќа порака дека новата бугарска влада нема да го повлече ветото и дека нема да дозволи Македонија да добие датум за преговори со Европската Унија во декември.
Вака домашните експерти за меѓународна политика го толкуваат вчерашното победничко излагање на Радев, кој ни порача дека „Бугарија нема да отстапи од националните позиции, особено кога залог се бугарскиот идентитет и историја, како и правата на Бугарите зад границите“.
Од друга страна, пак, меѓународната заедница периодов врши силен притисок врз Бугарија за да го повлече ветото за Македонија и да ни овозможи пристапни преговори со ЕУ до крајот на годината, но како што стојат работите, очигледно Бугарија успешно се справува со притисокот, па и самите ние веќе почнуваме да сфаќаме дека на Самитот во Брисел закажан на 14 декември ќе останеме со прстот в уста. Така барем делуваше и неодамнешната изјава на вицепремиерот задолжен за евроинтеграциите, Никола Димитров, кој истакна дека „ако не добиеме датум во декември, можно е да добиеме во јануари“.
Сепак, експертите за меѓународна политика со коишто разговараше Плусинфо тврдат дека недобивањето датум во декември ќе значи недобивање датум во следните шест месеци.
Каква жртва ќе принесеме?
Поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски, за Плусинфо истакна дека во декември не постојат никакви шанси Бугарија да го повлече ветото, а Македонија да започне преговори со Унијата.
– Кандидатот за нов премиер на Бугарија, Кирил Петков, неодамна даде изјава која кај нас позитивно се третираше и во неа навистина имаше нови моменти. Меѓутоа, мора да се знае дека во Софија има целосно парламентарно единство во однос на „средновековните услови“ кои ѝ се поставени на Македонија. Лидер на таквите политики е старо-новиот бугарски претседател Румен Радев, а Петков е негов пулен. Тоа значи дека шансите за некаква брза промена во бугарскиот однос кон Македонија се непостоечки. Ако се сеќавате, и Алексис Ципрас пред да стане премиер на Грција јавно зборуваше дека ние сме Македонија и дека името е наше право. Но, кога стана премиер и кога дојде на чело на владата, тој почна да води грчка политика, а не лична. Шансите за некаков наш исчекор во декември објективно не постојат иако е неспорно дека Бугарија е под силен меѓународен притисок – објаснува Никовски.
Бугарија ќе мора да отстапи еден ден, но прашање е што ќе жртвуваме за да ја натераме Бугарија да го повлече ветото.
Тој посочува дека од јануари идната година со Европската Унија ќе претседава Франција, па ако во декември не се случи чудо, наведува тој, тогаш Македонија не може да очекува ништо до јуни следната година.
– Апсолутно е точно дека на францускиот претседател Емануел Макрон му одговара да се заврши работата во декември, бидејќи за време на француското претседателство со Унијата нема да постои апсолутно никаква шанса за добивање датум за преговори. Практично, со евентуалното добивање датум во декември би му се решил проблемот на Макрон, но шансите за такво нешто се никакви. Тоа значи дека во следните шест месеци ни на сон не можеме да очекуваме датум за преговори. Франција никогаш нема да ни даде датум за почеток на преговори – вели поранешниот македонски дипломат.
Никовски посочува дека Македонија еден ден ќе мора да ги почне преговорите со ЕУ, но прашање е каква жртва ќе принесеме за да го добиеме посакуваниот датум.
– Ова не може вечно да трае и Македонија еднаш ќе мора да ги почне преговорите со Унијата. Бугарија ќе мора да отстапи еден ден, но прашање е што ќе жртвуваме за да ја натераме Бугарија да го повлече ветото. Нашите голготи почнуваат со преговорите, бидејќи тогаш ќе ни ги сечат крилјата. Интерес е и на Бугарија и на Америка и на Грција да започнат преговорите, меѓутоа нашиот источен сосед сака да ја зајакне својата позиција и да ѝ ги поткастри крилјата на Македонија – објаснува Никовски.
Бугарија е лута девојка
Поранешниот заменик-министер за надворешни работи на Бугарија во времето на премиерот Симеон Саксобурготски, Милен Керемедчиев, за БНР изјави дека притисокот од САД врз Бугарија ќе се зголеми.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Керемедчиев, Бугарија се однесува како лута девојка, но всушност Бугарија е членка на ЕУ и не треба да дава објаснување на кандидат за членство во ЕУ.
– Нејзиното однесување многу повеќе боли бидејќи другите западноевропски партнери не ја разбраа позицијата на Бугарија – рече Керемедчиев.
Според него, претседателот на Бугарија Румен Радев кој го доби победничкиот втор мандат, има поинаква визија од лидерите на „Продолжуваме со промената“ за односите на Бугарија со Македонија.
– Расположението во Бугарија прилично се совпаѓа со ставот на претседателот Румен Радев, но треба да се напомене дека следната година притисокот врз Бугарија, особено од САД, ќе биде исклучително силен – истакна Керемедчиев.
И поранешниот бугарски заменик-министер за надворешни работи, Љубомир Ќучуков, признава дека Бугарија е под многу силен меѓународен притисок, но дека рокот за повлекување на ветото е прекраток.
– Во сегашните услови, кога во Бугарија претстојат преговори за формирање влада, нема начин да се донесе таква одлука пред самитот на ЕУ. Во однос на преговорите, сметам дека Франција и Холандија го користат сето тоа што се случува за да се претстават како позитивно настроени кон проширувањето. Но, во пракса, Бугарија ја зауби сета своја предност како земја-членка на ЕУ, бидејќи ниту една земја од Унијата не ја поддржува Софија – објаснува Ќучуков.