🎥 ВО ЦРНА ГОРА ЕСКАЛИРА АТМОСФЕРАТА НА ЛИНЧ ПРОТИВ ТУРЦИТЕ Анкара бара да се заштитат нејзините граѓани
За вечер е најавен голем граѓански протест пред владата во Подгорица, а полицијата се соочува со тешка задача да спречи натамошни изблици на вандализам и ксенофобија, иако беа уапсени неколк групи за планирање нови напади врз Турци.
Бран од насилство, вандализам и ксенофобија се шири во Црна Гора откако Азербејџанец и Турчин тешко ранија момче во Подгорица. Групи луѓе маршираа по улиците и им се закануваа на мигрантите, а владата привремено воведе визи за турските државјани.
За вечерва е најавен нов граѓански протест пред Владата, а во исто време Турција побара од Црна Гора да ги заштити нејзините државјани.
Двајца државјани на Азербејџан и Турција се осомничени дека во саботата навечер (25.10) сериозно повредиле 25-годишен маж во населбата Забјело во Подгорица. Повредениот М.Ј. бил прободен со нож, повредите се сериозни, но тој е хоспитализиран и е вон животна опасност.
Револтирани од нападот, граѓаните се собраа на местото каде што полицијата ги пронајде осомничените странци и скандираа „Убиј го, убиј го Турчинот“. Истата вечер е демолиран и локал во центарот на градот чиј закупец е турски државјанин, а беше запален и автомобил во сопственост на турска компанија. Еден ден подоцна, групи момчиња маршираа низ населбите каде што мигрантите имаат продавници и ресторани во главниот град наЦрна Гора, скандирајќи „Турци надвор“.
По низата инциденти што доведоа и до пораст на ксенофобијата и говорот на омраза против Турците, премиерот Милојко Спајиќ најави укинување на безвизниот режим со Турција. Во претходните години безвизниот режим овозможи пристигнување на 13.000 Турци во Црна Гора. Според неофицијални проценки, во Црна Гора, која има население од околу 630.000, моментално престојуваат дури 100.000 странци.
За претседателот на државата Јаков Милатовиќ, невладините организации, како и за некои партии, одлуката за воведување визи е „краткорочно санирање на последиците“. Некои од нив предупредуваат дека Спајиќ реагирал брзоплето и дека тоа би можело да ги расипе односите со Турција. Се изразува загриженост од можноста за реципрочен одговор од Турција, кој би можел сериозно да ги загрози интересите на црногорските граѓани кои имаат потреба од лекување во Турција или патуваат преку аеродромот во Истанбул, како и интересите на економската соработка и дијаспората.
Турција и Азербејџан секако се на списокот на земји за кои Црна Гора мора да воведе визи за да се усогласи со визниот режим на Европската Унија. Црна Гора ја оправдува својата либерална визна политика со потребите на туризмот, но Брисел вели дека економските причини не можат да бидат над обврските што произлегуваат од процесот на пристапување.
– Инцидентите во никој случај не смеат да бидат причина за колективна осуда и дискриминација кон сите припадници на турскиот народ – предупредува извршната директорка на невладината организација „Акција за човекови права“, Теа Горјанц-Прелевиќ. Таа потсетува дека говорот на омраза, поттикнувањето насилство и уништувањето на туѓ имот се кривични дела и дека сите одговорни мора да бидат гонети.
Управата на полицијата нагласува дека дополнително ќе го контролира движењето, работата и престојот на странците, како и дека ќе следат итни и детални контроли на сите компании каде што основачи се странски државјани. Се очекува црногорската полиција, која уште вчера приведе неколку лица осомничени за планирање нови напади врз Турци, да биде ставена на тест и во наредните денови.
Локалните медиуми и граѓани јавуваат за се позачестено заминување на турски граѓани од аеродромот на Црна Гора, што се поврзува со непозволната атмосфера за нив во црногорското општество.
View this post on Instagram