ВО ЧИЈ ЏЕБ ТРЕБАЛО ДА СЕ СЛЕАТ 10 МИЛИОНИ ЕВРА ОД НАБАВКА НА ОПРЕМА ЗА ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА? Предвиделе буџет од 19 милиони евра, а трошокот бил само 9 милиони, обвини Сали
Пратеникот Беким Сали очекува Јавното обвинителство во најкус можен рок да отвори предмет и да преземе соодветни правосудни дејствија за да ги расчисти сите околности околу причините и сомневањата за политичка корупција што ги наведе денеска.
Јавното обвинителство да реагира по допрен глас за основано сомнение за сторена политичка корупција во режија на кадрите на ДУИ во АД „Државна лотарија“, изјави денеска Пратеникот на Коалицијата „Вреди“, Беким Сали на прес-конференција.
– Согласно оваа тековна состојба издадена од Централниот регистар на 4 август 2024 година, АД „Државна лотарија“ на 31 март 2023 година преку делегирање на 51 отсто во сопственичкиот капитал, регистрирал втора видео лотарија под името „НОВО ВЛТ“ со основна главнина од безмалку 10 милиони евра. Како носител на дејноста и ко-сопственик на „НОВО ВЛТ“ се јавува компанијата Друштво за услуги ХТЛ Македонија ДООЕЛ Скопје. За членови на Надзорниот одбор на „НОВО ВЛТ“ биле назначени, продолжената рака на Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами и неговите сопартијци од ДУИ, Артин Спахију и Омер Буњаку. Согласно оваа рамковна спогодба – договор за јавна набавка склучена меѓу „НОВО ВЛТ“ и косопственикот и основачот „ХТЛ“, склучена на 13 јуни 2024 или 35 дена по парламентарните избори, се предвидува за период од две години да се набават 1.600 видео лотариски терминали во вкупна вредност од речиси 19 милиони евра – изјави Сали.
Тој побара од Јавното обвинителство да истражи кои се мотивите за оваа јавна набавка.
– Дали е точно дека во моментот на потпишувањето на рамковната спогодба – договор за јавна набавка, пазарната цена на еден видео лотариски терминал била 3.800 евра? Дали е точно дека поединечната цена за еден видео лотариски терминал која е договорена во рамковната спогодба – договор за јавна набавка, изнесува 10.000 евра или за 6.200 евра е поскапа од неговата пазарна вредност? Дали е точно дека вкупната вредност на набавката чини неверојатни 9.920.000 евра поскапо од пазарната вредност на видео лотариските терминали? Во чии џебови ќе заврши разликата од речиси 10 милиони евра, само од овој тендер? Или дали вредноста на казино апаратите е свесно и со умисла зголемена со цел да се штелува основната главнина неопходна за отворање на новата државна видео лотарија? – праша Сали.
Тој очекува Јавното обвинителство во најкус можен рок да отвори предмет и да преземе соодветни правосудни дејствија за да ги расчисти сите околности околу причините и сомневањата за политичка корупција што ги наведе денеска.
– Истовремено, ќе побараме од Управата за финансиско разузнавање да ги истражи евентуалните врски на поранешни функционери на ДУИ со сомнителни лица од соседна Србија, поврзани со казино бизнисите – подвлече Сали.
Тој рече оти „Вреди“ е гаранција дека правдата ќе го стигне секој кој се огрешил пред законите, без разлика на неговата етничка, верска или политичка припадност.
– Вистината за гревовите на режимот на ДУИ, допрва ќе се откриваат – смета пратеникот на „Вреди“.