Во борба за шумите

Го слуша ли некој крикот на шумите? Криците на илјадници мали и големи живи суштества што живеат во нив? По шумите, се палат стрништа, депонии, страдаат луѓето во градовите и селата. Нашата убава земја е на пат да се претвори во пустина, со соголени ридови и суви корита, ако не се направи остро ресетирање.

395

Македонија гори и испарува и ова лето. Шумите се први на удар, 36 пожари во последново деноноќие и 18 активни во моментов, а не сме ни на средина од жешката сезона. Се бориме со четири хеликоптери, три ер-трактори, стотина цистерни и 48 возила за шумски пожари со пожарникари што ги опслужуваат, како и околу илјада доброволци од противпожарни друштва. Пострашно од бројките се податоците за возната состојбата и функционалноста со возилата, пумпите, цревата и особено, скромната опрема на пожарникарите. Според официјални анализи, итно ни фалат 340 пожарникари и обнова на возниот парк со просечна старост од 27 години!

Го слуша ли некој крикот на шумите? Криците на илјадници мали и големи живи суштества што живеат во нив? По шумите, се палат стрништа, депонии, страдаат луѓето во градовите и селата. Нашата убава земја е на пат да се претвори во пустина, со соголени ридови и суви корита, ако не се направи остро ресетирање. Мора да влеземе во борба за шумите и во ново пошумување! Да ги повториме масовните акции, од Водно пред шест децении, до акцијата низ цела земја пред десетина години. Поучени од грешките, а стимулирани од добрите резултати.






Климата и екологијата се со години запоставени, парцијални решенија, нема организиран и координиран одговор. Единствени видливи борци со климатските невремиња и катастрофи се Стојанче Ангелов со ЦУК, со Дирекцијата за спасување, со пожарникарите и локалните доброволни спасувачки екипи. Тие заслужуваат секакво признание, но и поддршка од целата држава на осмислен начин, со силен буџет и кадровско засилување.

Добро е што Владата се вдаде во борба со природната стихија, па ги оспособи ер-тракторите сосе пилоти, се координира со локалната самоуправа во погодените подрачја и обезбеди меѓународна помош, која по број ги надминува СИТЕ наши хеликоптери и ер-трактори, но пак не е доволна! Очекуваме овој шок-тест да биде аларм за брза акција сега, за да има резултати при следните стихии, кои секако ќе дојдат. Негрижата за климатските промени не е само наша специјалност. Ама секој треба да си го бере своето гајле, барем она што е само негово, локално.

Инаку, климатските промени се покажуваат во сета своја разулавеност ширум планетава. И оние што мижат и не ги признаваат, го чувствуваат нивниот здив, час врел, час смрзнувачки и нивниот пркосен диктат во секојдневниот живот. Изгор температури, поројни дождови со бури и поплави. На климатските самити сите светски нации со години се убедуваат и договараат како ќе спречат глобалната земјина температура да не се покачи било кога, повеќе од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриското време. А еве, веќе во текот на изминатава година се покачила за 1,6 степени Целзиусови и продолжува да расте!

Гласот на климатските научници и екологисти е сè уште многу послаб од оној на големите загадувачки бизниси и воените лобисти. Па така, договореното на КОП развиените држави не го исполнуваат зашто имаат други приоритети, а неразвиените зашто се сиромашни и не можат без фонд за прилагодување и покривање на штетите од климатските промени. Патем, ваков фонд беше договорен пред две години по долги години борби, но никако да се наполни. Па останува обврска на секоја држава да си води грижа за својата територија, природата, биодиверзитетот и луѓето. Да почнеме со Буџетот и Законот за климатска акција!

Поврзани содржини