Во август започнува вакцинацијата на деца против ковид-19 во Велика Британија
На Универзитетот во Оксфорд веќе се прават истражувања за тоа колку вакцините се безбедни за децата, а владата ги чека резултатите пред да донесе конечна одлука.
Весникот „Daily Telegraph“ пишува дека вакцинирањето на децата во Велика Британија ќе започне во август, според прелиминарниот план на владата за стекнување максимален имунитет на населението од вирусот ковид-19.
Изданието цитира два извори вклучени во подготовката на плановите, кои велат дека вакцинацијата на британски деца под 18 години може да започне во август, што е неколку месеци порано од очекуваното.
На Универзитетот во Оксфорд веќе се прават истражувања за тоа колку вакцините се безбедни за децата, а владата ги чека резултатите пред да донесе конечна одлука.
Се претпоставува дека одлуката ќе биде донесена во јуни или јули, според информациите.
„Daily Telegraph“ потсетува дека Израел, кој е светски лидер во однос на имунизираното население, веќе вакцинира млади на 16 и 17 години.
Застапниците на плановите сметаат дека тоа е начин за минимизирање на ширењето на коронавирусот, но критичарите забележуваат дека ковид-19 претставува релативно мал ризик за децата и дека нема докази дека вакцините се безбедни за нив.
Доколку се одржи сегашната стапка на вакцинација во Велика Британија од околу 3 милиони први дози неделно, можно е повеќето од 11 милиони деца на училишна возраст да бидат имунизирани пред почетокот на следната учебна година.