ВО АЛБАНИЈА УАПСЕНИ ФУНКЦИОНЕРИ ЗА ЛАЖНИ ПОТВРДИ ЗА БУГАРСКО ПОТЕКЛО Милионскиот бизнис го има и во Македонија, Косово, Србија, Украина и во Молдавија

Партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, ја поздрави полициската акција во општина Булќиза и повика да се прошири истрагата и во другите општини и да се разбие целосната мрежа што стои зад организиран иот криминал поврзан со издавањето бугарски пасоши.

119

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), ја поздрави денешната акција на албанската полиција во општина Булќиза, во која беа уапсени функционери инволвирани во издавање лажни потврди за бугарско потекло.

„Нагласуваме дека ова претставува само врв на ледениот брег. Ваквите злоупотреби се присутни во повеќе општини низ Албанија уште од 2020 година и претставуваат организирана појава која сериозно го нарушува правниот поредок и кредибилитетот на институциите“, соопшти партијата.

Во 2017 година, се додава, Бугарија под закана со вето врз европскиот пат на Албанија, надвор од сите правни критериуми, издејствува признавање на непостоечко бугарско малцинство во земјата.

Една од клучните мерки за создавање вештачко бугарско малцинство во Албанија е доделувањето бугарски пасоши, додава МАЕИ, при што се злоупотребува тешката економска состојба, како на македонското малцинство, така и на албанските граѓани воопшто.

„Граѓаните плаќаат илјадници евра за да добијат бугарски пасош и да обезбедат можност за работа во земјите на Европската Унија, користејќи ги привилегиите што произлегуваат од членството во ЕУ. Станува збор за организиран бизнис вреден милиони евра, кој не е ограничен само на Албанија, туку функционира и во други земји надвор од Европската Унија, како Македонија, Косово, Србија, Украина и во Молдавија“, се наведува во соопштението.

Во последните години, како дел од оваа стратегија, од апликантите за бугарско државјанство се бараат потврди за бугарско потекло, кои нелегално се издаваат од локални функционери без законска надлежност, се вели во соопштението.

„За жал, поединци на одговорни позиции, водени од личен интерес, активно учествуваат во оваа незаконска практика“, потенцира МАЕИ.

Партијата потсетува дека уште од 2020 година континуирано ја алармирала јавноста, како и домашните и меѓународните институции, за постоењето на овие злоупотреби.

МАЕИ го повикува МВР на Албанија и сите надлежни органи да ја прошират истрагата и во другите општини каде што постојат сомнежи за слични незаконски активности, како и да се разбие целосната мрежа што стои зад овој организиран криминал поврзан со издавањето бугарски пасоши.

„Воедно, бараме надлежните институции да ја прошират истрагата не само за незаконското издавање лажни потврди за бугарско потекло, туку и за влијанието што мрежата на посредници за бугарски пасоши го имала за време на пописот во 2023 година на целата територија на Албанија. Постојат сериозни индикации дека преку злоупотреба на позицијата и влијанието биле инсталирани свои попишувачи, а врз граѓаните бил вршен притисок, закани и поткуп со цел да се изјаснат како Бугари, што претставува класичен пример на пописен инженеринг“, оценува МАЕИ.

Партијата на Македонците орачува дека останува цврсто посветена на заштитата на идентитет на македонското малцинство во Албанија и на почитувањето на законите и европските вредности.

Припадници на специјалната полициска единица „Ренеа“ во зградата на Општина Булќиза денеска спроведоа истражни дејствија, при што беа запленети документи поврзани со  фалсификување документи за добивање бугарски пасоши, објавија медиумите.

Проверките се фокусираа на документација на административната единица Острени, област Голо Брдо и за процедурите за издавање уверенија за граѓански статус.

„Ова не е првпат административната единица Острени, која територијално припаѓа во Општина Булќиза, да биде вклучена во вакви истраги. Во декември 2023 година, полицијата уапси тројца општински службеници, вклучувајќи го и тогашниот администратор на Острени, Љуан Мјештри, брат на градоначалничката на општината, Фестиме Мјештри, како и уште двајца локални вработени“, наведуваат албанските медиуми.

Тие беа обвинети за издавање потврди за „етничко бугарско потекло“ кои потоа се користени за добивање бугарски пасоши.

Според истрагите во тоа време, фалсификуваните потврди биле продавани за парична награда по најмалку 500 евра. Потоа потврдите служеле за регистрација на граѓаните во здружението „Голо Брдо“, како чекор кон добивање бугарско државјанство.

Како што претходно соопшти полицијата, во операцијата „Идентитет“ се уапсени актуелниот администратор на административната единица Острени, Ндричим Суља (53), како и неговиот претходник, Бајрам Мета (62), кои ќе бидат кривично гонети за злоупотреба на службена должност и фалсификување документи.

Исто така на граничниот премин „Блато“, кај Дебар, на излез од Албанија, уапсено е лицето Е.Т. (49) жител на Софија, откако се обидел да ја премине границата со фалсификувани документи за 21 албански граѓанин, со цел да им обезбеди бугарски пасоши.

Поврзани содржини