🎥 ШО ПРАИТЕ БЕ ДРУГАРИ, ИЗВИНЕТЕ ЗА ДОЦНЕЊЕ, МОРАВ ТАМУ НА ПРОМОЦИЈА НА ТОЈ ФИЛМОТ Заев пред фајронт дојде на роденденот на СДСМ

Претседателот на СДСМ Венко Филипче, на свечената седница порача дека СДСМ 35 години ја носи одговорноста за иднината на државата преку креирање клучни државни политики и одлуки

816

Сојузот на социјалдемократите на Македонија (СДСМ) вечерва одбележа 35 години од своето основање на свечен настан во партиското седиште на кој присуствуваа членови и поддржувачи на партијата.

На самата завршница на свеченоста, 5 минути пред крајот, се појави и поранешниот лидер на партијата Зоран Заев, откако веќе завршија сите говори и музичкиот дел од програмата.

Тоа е прво јавно појавување на поранешниот премиер по подолг период.

Беше пречекан со аплауз од присутните, а дел од присутните го прегрнуваа и се фотографираа со него.

Кога ја здогледа Каја Шукова, се поздаври и рече „Шо праите бе, другари“.

На видеото може да се слушне како Заев се извинува за доцнењето, велејќи: „Извинете на доцнење сега, ама морав таму на промоција на тој филмот“.

Една сопартијка му вели дека го нема, а тој ѝ одговори „Не бе, тука сум јас, тука сум“.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче, на свечената седница порача дека СДСМ 35 години ја носи одговорноста за иднината на државата преку креирање клучни државни политики и одлуки. Во своето обраќање, Филипче потсети на историските почетоци на партијата и државата, како и клучната улога на СДСМ во најтешките периоди и во создавањето на независноста на државата.

Рече дека вистинската државотворност се покажува во најтешките моменти, потсетувајќи на улогата на СДСМ во 2001 година и потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, па се осврна и на поновите политички и одлуки на СДСМ, потенцирајќи го членството во НАТО.

– По политичката криза, по Пржино, по изборите во 2016, во 2017 СДСМ повторно ја презеде одговорноста да ја извади државата од блокада. Дојдоа најтешките државни одлуки: Преспанскиот договор, влезот во НАТО во 2020, па стартот на пристапните преговори со ЕУ во 2022. Околу тие одлуки ќе има расправи и утре, и задутре, и уште долго. Бевме соочени, и уште сме, со најтешките клевети и партиски пропаганди за велепредавства, за измислена распродажба на државни и национални интереси, наводно загрозени идентитет, јазик и историја. Но, фактите остануваат, тие не можат да се избришат и покрај жестоките пропаганди и манипулации: Ништо не е изгубено, напротив, идентитетот, јазикот, културата историјата се заштитени. Потпишан е договор со ЕУ на македонски јазик, државата стана побезбедна – рече Филипче.

Претседателот на СДСМ, Филипче нагласи дека вистинската социјалдемократија подразбира систем на еднаквост, правда и солидарност.

Рече и дека јубилејот не е само повод за одбележување, туку и повик за нова, чесна и одлучна борба за праведна Македонија. Додаде и дека денес СДСМ повторно стои пред голема историска и политичка задача, да ја врати надежта, правдата и европската перспектива на државата.

Фото: СДСМ
Поврзани содржини