Во „Аџибадем Систина“ за 4 дена со рапид тестови тестирани 485 луѓе, позитивни 34
Тестирањето на голем број асимптоматски случаи и процентот од 7 отсто позитивни кои може да се и болни и активни пренедувачи на коронавирусот е важно за спречување на заразата. За жал до овој момент, нема организирана проверка на позитивните на брзите тестови со молекуларни тестови и тоа е оставено на волјата на пациентите.
За четири дена, од 28 до 31 март, во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, со т.н. брзи серумски тестови од холандско производство, се тестирани 485 луѓе, од кои 34 се позитивни или 7 отсто. Само 20 отсто од тестираните биле со зголемена температура и со симптоми за инфекција.
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ набави 50.000 серумски рапид тестови за брзо детектирање на антителата ИгМ-ИгГ, кои можат ефикасно да детектираат присуство на вирусната инфекција или претходен контакт со вирусната инфекција преку имунолошкиот статус на телото. Тестирањето се врши со земање крв, а процесот трае не подолго од 10 минути.
– Со тестовите за детектирање на коронавирусот, во „Аџибадем Систина“ откриваме 7 до 8 отсто позитивни, од луѓе кои имале контакт со заболен од вирусот пред три до четири недели. Тие се активни пренесувачи, вектори, и ќе имаме работа со нив, тие се кластери – објаснува д-р Владо Димов.
Млада скопјанка, која на Фејсбук обзнани дека е заболена од вирусот, по првичниот обид да закаже тест преку системот „Мој термин“, добила термин со големо одлагање. Тоа е проблем со многу граѓани кои се обидуваат да дојдат до тест преку системот „Мој термин“. Во меѓувреме, скопјанката и нејзините најблиски направиле брз тест во „Аџибадем Систина“ и добила позитивен резултат. Таа вели дека генерално добро се чувствува и дека дури и сезонскиот грип во минатото полошо го поминувала.
„Сакам на сите да ви кажам дека има многу недијагностицирани случаи, како и многу заболени кои се асимптоматски случаи“, предупредува таа.
Речиси 80 отсто од луѓето кои се тестираат со брзите тестови во „Аџибадем Систина“ се асимптоматски, а добиените резултати се од голема важност за натамошно спречување на заразата, како и за тврдување на кондицијата на лицата за кои ќе се утврди дека веќе го прележале вирусот што се вели „од нога“. На постоењето вакви случаи денеска укажа и министерот Венко Филипче.
За жал, до овој момент, не постои организирано упатување на позитивните случаи од „Аџибадем Систина“ на проверка со молекуларни тестови и сега самите пациенти бараат таква проверка. Оваа приватна клиничка болница располага со лабораторија која изведува молекуларни тестови за своите пациенти.