ВО 2025 ГОДИНA Е ВОВЕДЕН РЕД ВО ЕНЕРГЕТИКАТА И ВО РУДАРСТВОТО Божиновска најавува интензивирање на значајните проекти за енергетска независност
Земјата бележи значителен напредок во имплементацијата на обврските од Енергетската заедница, со раст кај пазарната интеграција (61%), сигурноста во снабдување (41%) и институционалната подготвеност (76%), што ја позиционира земјата над или блиску до регионалниот просек.
Во услови на динамични глобални енергетски предизвици, 2025 година беше година на интензивна, теренска и стратешка работа во енергетиката и рударството. Преку засилена институционална активност, широка вклученост на стручната јавност и постојана комуникација со сите релевантни чинители, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини постави јасни основи за ред, стабилност и долгорочен развој на секторот, со фокус на транспарентност, одговорно управување и активна енергетска дипломатија, оцени министерката за енергетика и рударство Соња Божиновска.
Во соопштение на Министерството за активностите спроведени лани се наведува дека се направени неколку значајни исчекори во однос на енергетската политика на земјата.
„За првпат е усвоен Годишен план за изградба на енергетски објекти за 2025 година, кој воведе ред и јасни приоритети. Планот ги дефинира насоките за изградба на нови објекти и зајакнување на енергетските мрежи. Планот за 2025 опфаќа 481 енергетски објект со вкупна моќност од 1.265 MW, сите со уредна документација. Доминираат обновливите извори – над 812 MW соларни и 426 MW ветерни капацитети, како и значајни инвестиции во складирање на електрична енергија“, се вели во соопштението.
Во 2025 година се исплатени околу 650.000 евра премии за производство од фотоволтаици.
„Во тек е постапка за нов Закон за обновливи извори на енергија, усогласен со ЕУ директивите. Оперативен е и пазарот на гаранции за потекло, со над 122.000 издадени гаранции. Истовремено, донесени се измени на Законот за енергетска ефикасност и усвоен тригодишен план за реконструкција на јавни згради. Ќе се реновираат 14 јавни згради со вкупна корисна површина од 102.992 m², во кои функционираат 33 институции, што секојдневно ги користат повеќе од 5.000 лица“, се наведува во соопштението.
Земјата бележи значителен напредок во имплементацијата на обврските од Енергетската заедница, со раст кај пазарната интеграција (61%), сигурноста во снабдување (41%) и институционалната подготвеност (76%), што ја позиционира земјата над или блиску до регионалниот просек.
Во фокус на ланските активности кои ќе продолжат и годинава се гасните интерконектори со Грција и Србија, како и повторното активирање на нафтоводот Солун–Скопје, со што се зајакнува енергетската безбедност и диверзификацијата на снабдувањето.
„Гасната линија Македонија – Грција е во вкупна должина: околу 123 км (66–68 км во Македонија). Првичен капацитет: 1,5 милијарди m³ годишно, со можност за проширување на 3 милијарди m³/год. Се очекува овој проект да проработи во 2027 година. Интерконектор со Србија – Предвидена должина: околу 65–70 км (Клечовце — Врање). Очекуван рок на завршување: 2027 година, со гас во текот на 2028 година“, се вели во соопштението.
Лани Владата донесе одлука за повторно отворање на нафтоводот „Тесалоники – Скопје“ со проток на 400.000 тони дизел годишно. Оваа линија беше неактивна 12 години, со многу години инфраструктура оставена неискористена.
Министерството за енергетика лани исплати 687.000 евра субвенции за ранливи потрошувачи, со намалување на сметките за струја од 1.000 денари месечно, како и 2,7 милиони евра за субвенции за инвертер-клими.
Во 2025 година е остварена рекордна наплата од 15 милиони евра концесиски надоместоци, што е 2,4 пати повеќе од истиот период во 2024 година. Раскинати се над 45 концесии поради непочитување на законите, а воведен е и дигитален надзор со дронови за поголема контрола и транспарентност.
Со активна правна стратегија, Министерството ја намали вредноста на судските предмети против државата од 421,8 на 106,8 милиони денари, при што се одбиени тужби вредни 5,1 милион евра, а покренати се и тужби за наплата на долгови.
Започнати се нови законски решенија за геологија и рударство, процес за заштита на македонскиот рубин како национално минерално наследство.