ВНУЦИТЕ НА ВАПЦАРОВ СЕ ЧУВСТВУВААТ ЗА БУГАРИ Не се согласуваат клубот во Благоевград да го носи дедовото име
Јас како внук, сестра ми како внука и татко ми како брат, секогаш сме тврделе дека сме Бугари бидејќи сме родени од мајка Бугарка и татко Бугарин. А, во прашалникот на Вапцаров јасно пишуваше дека е од бугарско потекло и со бугарска националност, вели Никола Вапцаров, внук на познатиот поет.
Внукот на големиот македонски поет и херој Никола Вапцаров, кој го носи името на неговиот дедо не се согласува македонскиот клуб во Благоевград да го носи тоа име бидејќи, како што вели за себе, се чувствува како Бугарин, роден од мајка и татко Бугари, пишува Бугарската национална телевизија.
– Тврдењата што ги имаат браќата од Северна Македонија не се оправдани бидејќи сите документи што ги имаме и нашата самосвест и чувство дека ние неговите роднини – јас како внук, сестра ми како внука и татко ми како брат, секогаш сме тврделе дека сме Бугари бидејќи сме родени од мајка Бугарка и татко Бугарин. А, во прашалникот на Вапцаров јасно пишуваше дека е од бугарско потекло и со бугарска националност – вели Никола Вапцаров, внук на познатиот поет.
Советот на Општина Благоевград, пак, претходно остро се спротивстави на отворањето на клубот и советниците изгласаа декларација со која македонскиот клуб го нарекоа антибугарска провокација. Меѓутоа, клубот се наоѓа на приватен имот и не е потребна дозвола од локалната власт.
Градоначалникот на Благоевград излезе со чудна изјава дека ниту го одобрил, ниту го забранил отворањето на истиот.
Во текстот на БНТ е пренесена и изјава на Атанас Мазнев, еден од иницијаторите на македонскиот клуб. Тој вели дека клубот треба да биде културен мост меѓу Бугарија и Северна Македонија.
„Ние се чувствуваме Македонци и сакаме да формираме, преку нашите идеи и иницијативи, нов културен простор за интеракција меѓу бугарската и македонската држава, меѓу бугарскиот и македонскиот народ. Нашата друга цел е Бугарија конечно да го признае постоењето на македонското малцинство, што е аномалија без преседан во Европа – вели Атанас Мазнев, еден од иницијаторите, кој вели и дека Вапцаров бил дел од македонскиот културен круг.
На отворањето што треба да се случи во недела, нема да присуствува премиерот Димитар Ковачевски, ниту претставници на бугарската влада иако добиле покани. Присуство најави, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.