ВМРО-ДПМНЕ: Тргувањето со криптовалути ќе биде од бенефит и за граѓаните и за правниот промет кон странство
Над 40 банки во Германија веќе овозможуваат трговија и чување на криптовалути за своите клиенти, велат од партијата на Христијан Мицкоски.
Легализацијата на трговијата со криптовалути ќе биде од бенефит и за граѓаните и за правниот промет кон странство, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Законското решение кое ќе го изготви ВМРО-ДПМНЕ и ќе го поднесе до Собранието ќе ја легализира трговијата со криптовалути и нивното чување. Граѓаните коишто ќе тргуваат ќе бидат ослободени за тргување со истите од ДДВ, а инвеститорите од данок на доход и данок на добивка најмалку до крајот на 2023 година. Со формализирање на трговијата ќе им се овозможи на нашите граѓани кои тргуваат со круптовалути да можат да ги разменуваат за пари во Македонија, а на правните лица ќе им се овозможи да вршат плаќања кон странство кон своите добавувачи или клиенти во криптовалути, и сето тоа да биде формално регистрирано како да се работи за жирално плаќање, со тоа ќе се овозможи поголема брзина во трансакциите и пократки временски рокови за вршење на плаќањето“, се вели во соопштението.
Над 40 банки во Германија веќе овозможуваат трговија и чување на криптовалути за своите клиенти, додаваат од партијата на Христијан Мицкоски.
„Пеј Пал тоа го прави во САД, а Виза има дебитни картички кои овозможуваат поддршка на криптовалути. Да фатиме чекор со напредните држави. Време е за развој. Време е за Македонија за сите луѓе“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.