ВМРО-ДПМНЕ со нова стратегија наречена „Македонија за сите луѓе“
Според информациите денеска ќе биде промовиран и збогатен визуелен идентитет на партиските обележја, во кој, освен стандардната црвена и црна боја, ќе бидат вклучени и други бои.
Во предвечерјето на роденденот на партијата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Охрид ќе промовира нова политичка стратегија, но и повеќе бои како синоним на партиско-обединувачкиот спектар, објави „Дојче веле“.
– Бидете трпеливи, 16-ти јуни е вистинската најава за пресврт, за еден голем новитет во пресрет на одбележување на формирањето на нашата партија. Од Охрид ќе го соопштиме нашиот новитет, на посебен настан. ВМРО-ДПМНЕ е стеблото, ВМРО-ДПМНЕ е покривката која обединува луѓе. ВМРО-ДПМНЕ е на вистинските патеки и запаметете: 16-ти јуни е она што сите го очекуваат – најави Мицкоски.
Секој е важен
– Она што лидерот на опозицијата го најави од Хераклеа како новитет во делувањето на партијата, својата промоција ќе ја доживее денеска во Охрид – потврдуваат партиски извори.
Тие посочуваат дека ќе биде објавена нова политичка стратегија – „Македонија за сите луѓе“, која ќе опфаќа јасна визија за идното делување и обраќање на ВМРО- ДПМНЕ.
– Целта е да претставиме дека секој еден е важен, дека секој има свои вредности кои ние ги почитуваме, дека секој е значаен во оваа битка и дека сите треба да се здружиме. Целта е да ги збиеме редовите, да си подадеме рака и да се обединиме, затоа што имаме противник кој не бира средства, а кој работи контра македонските интереси, произведува сиромаштија и целосно ги изневерува стратешките цели на државата – брифираат од партијата.
Според објаснувањето, таа политичка стратегија опфаќа и повеќе активности на терен, со кои ќе се остварат политики што ќе овозможат заштита на националните, општествените и државни интереси. Новата политичка стратегија вечерва темелно ќе ја презентира лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, кој ќе има обраќање во Охрид.