ВМРО-ДПМНЕ СО НАТПАРТИСКИ КАНДИДАТ ВО КОЧАНИ Соопштени имињата и за Кисела Вода, Дојран, Старо Нагоричане, Долнени и за Ранковци
Кандидатите за градоначалници убедливо водеа на сите внатрепартиски анкети и анализи. Сите кандидати на ВМРО-ДПМНЕ се посветени личности, подготвени да ги застапуваат интересите на секој жител, во секое населено место, вели Митева.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вечерва го претстави својот натпартиски кандидат за градоначалник на Кочани – доктор Влатко Грозданов. Од партијата порачаа дека со оваа одлука испраќаат јасна порака дека интересот на граѓаните е над партиските разлики.
– Во Кочани, ВМРО-ДПМНЕ ќе застане зад натпартискиот кандидат д-р. Влатко Грозданов – изјави Марија Митева, член на Извршниот комитет на партијата, нагласувајќи дека тој претставува личност со интегритет и доверба кај жителите на градот.
Покрај оваа одлука, ВМРО-ДПМНЕ ги објави и останатите кандидати: Бети Стаменкоска Трајкоска за Кисела Вода, Мирослав Славковски за Старо Нагоричане, Илија Тентов за Дојран, Сашко Велјановски за Долнени и Даниел Павловски за Ранковци.
Од партијата велат дека се убедени оти со оваа кадровска структура ќе понудат квалитет и решенија за локалните заедници.
– Кандидатите за градоначалници убедливо водеа на сите внатрепартиски анкети и анализи. Сите кандидати на ВМРО-ДПМНЕ се посветени личности, подготвени да ги застапуваат интересите на секој жител, во секое населено место. Тие се луѓе кои имаат енергија и решителност да работат за подобро утре на граѓаните, сите се посветени и дополнително ќе бидат ангажирани за развој на општините и државата воопшто – рече Митева.
Сите тие ќе работат во насока на стабилни и силни општини, а воедно и за стабилна и силна држава.
– ВМРО-ДПМНЕ секој ден покажува дека работи за доброто на секој граѓанин, на секое населено место и на државата воопшто. Ги повикуваме граѓаните да ја поддржат визијата на ВМРО-ДПМНЕ, да изградиме подобра и поквалитетна иднина за сите – додаде Митева.