ВМРО-ДПМНЕ открива: Мијалков се криел во туѓа куќа, ама во Белград?!
Во понеделникот Заев успеал да исконтактира со Мијалков и да му се закани дека ќе му ги уништи компаниите и дека ќе му ги затвори децата, товарејќи ги дека му помогнале на својот татко да избега од државата. Тогаш Мијалков донел одлука веднаш да се врати во Скопје, брифираат од опозицијата.
Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, можеби навистина се криел во друга куќа додека полицијата го барала на домашна адреса за да му го врачи решението за домашен притвор, ама таа куќа не била во Скопје, туку во Белград. Ова го тврдат високи партиски извори од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека Мијалков уште во неделата попладне ја напуштил земјава и преминал во Србија.
Целиот тој ден ниту една од македонските служби не успеала да ја дознае локацијата на првообвинетиот во случајот „Таргет-Тврдина“, но преговорите со власта за тој да се врати во Скопје започнале дури во понеделникот, откако меѓународната заедница извршила силен притисок врз премиерот Зоран Заев и му поставила ултиматум да го пронајде и да го врати бегалецот најдоцна до четврток, брифира опозицијата.
– Од многу силен меѓународен фактор Заев добил ултиматум да го пронајде Мијалков до четврток. Токму затоа биле караниците помеѓу премиерот и министерот, за кои објавија дел од медиумите во понеделникот. Наводно, Заев успеал да исконтактира со Мијалков и да му се закани дека ќе му ги уништи компаниите и дека ќе му ги затвори децата, товарејќи ги дека му помогнале на својот татко да избега од државата. Тогаш Мијалков донел одлука веднаш да се врати во Скопје – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека причината за бегството на Мијалков била казната од 13 години што обвинителите веќе ја побарале за предметот „Таргет-Тврдина“, додека, пак, договорот помеѓу Мијалков и Заев наводно бил казната да изнесува 5 години, по што би следувале жалби, па одлука на Апелација за повторно враќање на предметот во Кривичниот суд.