ВМРО-ДПМНЕ НАЈАВУВА РЕВОЛВИНГ ФОНД ЗА ОТКУП НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ Целта е побрза исплата на земјоделците и поголема ликвидност за откупувачите

Владата ќе продолжи со политики насочени кон зголемување на производството, повисоки приходи за земјоделците и подобрување на условите за пласман на нивните производи, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

0

Во екот на сезоната на откуп на земјоделските производи, ВМРО-ДПМНЕ најавува формирање револвинг фонд што треба да обезбеди побрза исплата на земјоделците и поголема ликвидност за откупувачите. Според најавите, станува збор за финансиски механизам преку кој компаниите што вршат откуп би добивале поволни обртни средства, а по продажбата или преработката на производите средствата повторно би се враќале во фондот и би се користеле за нов циклус на откуп.

Партијата оценува дека оваа мерка ќе помогне да се надминат долгогодишните проблеми со доцнењето на исплатите и недостигот на готовина во периодот кога земјоделците го предаваат родот. Револвинг фондот е дел од пакетот законски измени со кои, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, треба да се создадат постабилни услови за пласман на домашното земјоделско производство.






Во соопштението се наведува дека во изминатите две години земјоделскиот сектор е стабилизиран преку редовна исплата на субвенциите, зголемена финансиска поддршка и инвестиции во модернизација. Според партијата, целта е да се подобри конкурентноста на македонското земјоделство и да се обезбедат подобри услови за работа на производителите.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека во тек се капитални инвестиции во системите за наводнување, како и проекти за подобрување на водостопанската инфраструктура. Паралелно, се реализираат мерки за модернизација на механизацијата и за поддршка на преработувачките капацитети, со што, според нив, се создаваат услови за поголема додадена вредност во домашното производство.

Во партиското соопштение се нагласува дека земјоделството останува една од стратешките гранки на македонската економија и дека Владата ќе продолжи со политики насочени кон зголемување на производството, повисоки приходи за земјоделците и подобрување на условите за пласман на нивните производи.

ВМРО-ДПМНЕ оценува дека комбинацијата од редовна финансиска поддршка, капитални инвестиции и нови инструменти, како револвинг фондот за откуп, треба да придонесе за поголема сигурност кај земјоделските производители и за постабилен аграрно-прехранбен сектор.

Поврзани содржини