ВМРО-ДПМНЕ му подари бел мантил на Филипче, СДСМ порача да си го остават во „белиот дворец“

Доста ни е веќе од неговиот ПР! Срамота е и крајно безобразно да вели дека се е под контрола, а од друга страна луѓе умираат чекајќи брза помош, молат за кислород, за  терапија или за прием во болница! За сето ова мора да има одговорност - истакна Андоновска oд ВМРО-ДПМНЕ.

1,740

Крајно време е министерот Венко Филипче да облече бел мантил, да се соочи со реалноста и да оди помеѓу здравствените работници и пациентите каде што му е местото, рече Марија Андоновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ако Венко си го заборавил белиот мантил, поради неговите прес конференции, денес ние му подаруваме еден. Не случајно мантилот е за еднократна употреба. Исти вакви мантили здравствените работници ги носат во текот на целиот ден или по неколку дена, дури и мораат да ги хефтаат, лепат кога ќе се скинат, затоа што немаат други. Колку време може да работи министерот со мантил за еднократна употреба, а тоа да не се само прес конференции? Борбата за лична заштитна опрема за медицинските лица трае од почетокот на епидемијата. Но, тоа не е единствениот проблем. Венко треба да облече бел мантил и да ги праша матичните доктори и стоматолози со какви проблеми се соочуваат и како да им се помогне! Венко треба да облече бел мантил и да ги прошета сите болници, но не тоа да биде изглумено само за ПР, туку за да ги нотира недостатоците на системот и веднаш да пристапи кон негово реорганизирање! Девет месеци поминаа, зошто не стори ништо?! Венко да облече бел мантил и да обезбеди протоколи за лекување, како и соодветна терапија! Венко да облече бел мантил и да обезбеди без застој да се одвиваат прегледи и интервенции за сите останати заболувања кои се од витално значење за луѓето. Венко да облече бел мантил и да нема вратен пациент од болниците. Но не само обезбедување на кревет, туку и соодветна нега, навремена терапија и достоинствено лекување. Венко да облече бел мантил и да го вработи квалификуваниот медицински кадар, кој во овие моменти е неопходен. Венко да облече бел мантил и да ги слушне барањата на хронично болните, специјализантите, вработените во брза помош, семејствата кои молат за здравје и сите оние кои добронамерно му се обраќаат со предлози за надминување на оваа тешка ситуација во која што не втурна тој. Доста ни е веќе од неговиот ПР! Срамота е и крајно безобразно да вели дека се е под контрола, а од друга страна луѓе умираат чекајќи брза помош, молат за кислород, за  терапија или за прием во болница! За сето ова мора да има одговорност – истакна Андоновска.






Одговор веднаш пристигна од владејачката СДСМ од каде што велат дека белиот мантил е светост и се почитува од сите, но само ВМРО-ДПМНЕ го користи за потсмев и за некрофилна кампања.

„Очајниот губитник Христијан Мицкоски не престанува да ја злоупотребува несреќата на граѓаните заради дневно партиски цели. Белиот мантил денеска е светост и се почитува од сите, само ВМРО-ДПМНЕ го користи за потсмев и некрофилна кампања. Бел мантил нека остават на белиот дворец, за да ги потсетува дека за 11 години ништо не направија за докторите. Напротив, системски се уништуваше јавното здравство и се погазуваа правата на пациентите. Денес, оваа партија предводена од некрофилот Мицкоски секојдневно ги деградира лекарите, здравствените работници, кои посветено, стручно и без да се штедат со месеци се борат со коронавирусот. Огромна е разликата меѓу очајното, некфорилски настроено ВМРО-ДПМНЕ и одговорниот пристап на СДСМ. За само три години Владата предводена од СДСМ основната плата на лекарите специјалисти ја покачи за 40%, на општите лекари за 25%, на медицинските сестри помеѓу 20% и 23% на сестрите што работат на клиниките, а за 5% на здравствените соработници и на помошно-техничкиот персонал. Ова беше незамисливо за време на владеењето на криминалната и режимска ВМРО-ДПМНЕ. Осум месеци, граѓаните, здравствените работници, институциите, целиот свет, постојано се борат против коронавирусот. Осум месеци, ВМРО-ДПМНЕ само прави штета и го поткопува здравствениот систем. Со таков однос кон граѓаните и јавното здравје, нека не се чудат зошто се во опозиција и зошто уште долго таму и ќе останат“, наведено е во соопштението од СДСМ.
Поврзани содржини