ВМРО-ДПМНЕ: Мадиќ и Наумоски, братучедот на Шекеринска рекетирале адвокат кој на легален начин добил тендер
Нема ден да помине без Шилегов и неговата администрација да направат нов голем скандал. Деновиве сведоци сме на обвинувања насочени кон Никола Наумоски, шеф на Кабинет на Шилегов, лажен НВО и шарен активист, чии единствен „професионален успех“ е што е братучед на Радмила Шекеринска, како и Викторија Аврамовска Мадиќ, секретар на Град Скопје, која е позната што неодамна беше шеф на изборниот процес за лидер во СДСМ со еден кандидат, велат од Комисија за локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ.
– Овие двајца се во центарот на мега скандалот, објавен од познат адвокат, кој преку социјалните мрежи обелодени со какви коруптивни методи и притисоци се служат Наумоски и Мадиќ, користејќи ги нивните позиции за остварување на лични добивки. Адвокатот, кој на легален и законски начин добил тендер за судско застапување на новото јавно претпријатие за хуман третман на улични кучиња „Лајка“, сведочи за нехуманиот однос и притисоци на Наумоски кон директорката на „Лајка“ и други вработени, вршејќи им притисоци да влијаат на изборот на правните застапници на ова ЈП. По скандалозно е неговото тврдење дека Викторија Аврамовска Мадиќ, секретар на Град Скопје и прв човек на градската администрација, лично телефонски се обидела да го „рекетира“ адвокатот, преку нарачка на вработувања за возврат на добиениот тендер. Навистина е шокантна арогантноста и дрскоста со кои овие двајца, најблиски соработници на Шилегов, ги користат позициите за лично богатење и лечење на нивните комплекси – велат од Комисијата за локална самоуправа на партијата.
Според Комисијата, малку е што ја преполниле администрацијата на Градот и јавните претпријатија со „неспособно партиски војници“, туку сега си даваат за право да посегнат и по приватниот сектор и да диктираат кој ќе се вработи за возврат на „привилегијата“ да добијат тендер на Градот и некое од градските институции.
– Додека во светот владее пандемија, градската администрација со месеци беше оставена да работи во субстандардни и опасни услови, а Наумоски и Мадиќ упорно ги одбиваа барањата и апелите администрацијата да работат со ротации и намален капацитет, што е случај со сите останати државни и приватни капацитети. Сега ние всушност дознавме дека Наумоски и Мадиќ биле едноставно „премногу зафатени“ со нивните приватни зделки за да се занимаваат со вакви „ситни проблеми“. Ваков мега-скандал мора да биде проследен со вистинска истрага и мора да има одговорност. Апелираме до адвокатот кои го обзнани ова однесување на градските функционери, сите докази да ги достави до јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата. Дополнително, бараме Основното јавно обвинителство во Скопје веднаш да отвори предмет по допрен глас во врска со овој скандал – велат од Комисија за локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ.