ВМРО-ДПМНЕ им нуди правна помош на приведените од Орман

Оваа насилна власт на Заев колку повеќе станува нервозна, толку повеќе ќе удира по народот, ама ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните цврсто ќе им се спротивстават и на крајот ќе ги победат - рече Стојановски.

1,038

Зоран Заев и Оливер Спасовски вчера удрија по граѓаните покажувајќи сила на обичен народ, обвини пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, на денешната прес-конференција.

– Синоќа спротивно на Уставот беа уапсени граѓани во селото Орман кои присуствувале на традиционален бадникарски оган, а во исто време лицемерите од власта мижат пред кршењата на законите и протоколите кои ги прават владините функционери и блиските до власта. Замислете, беа брутално и насилно апсени граѓани од селото Орман на бадникарски оган, а кога функционерите на СДСМ славеа во Штип пред неколку дена, со оркестри, со софри, без дистанци и без маски немаше никаква реакција на институциите. Каде беа институциите да реагираат и на прославата на роденден на функционерите од владеачката ДУИ во државна институција спротивно на сите протоколи и норми на пристојно однесување? Зошто нема никаква санкција за Венко Филипче и Зоран Заев кои исто така без маски и без дистанца се фотографираа со своите деца на квадрициклите првиот ден од Новата година – рече пратеникот.






Целта е јасна, додаде тој.

– Владата на Заев ги заплашува обичните граѓани и бесрамно покажува дека едно важи за обичниот човек, а сосема други правила важат за власта. Ако Спасовски сака да тренира строгост и владеење на правото тогаш зошто се уште не откри кај завршија парите од полната торба рекет, зошто нема никаква разрешница на случајот со Ден Дончев за скандалот во кој целата јавност го виде како става снопчиња пари во својата чанта, зошто нема правна разрешница за милионскиот скандал „Леонардо“ во кој беше директно вмешан поранешниот владин генерален секретар Драги Рашковски, зошто нема разрешница на криминалните иновации, зошто нема разрешница за прислушкувањето во Јавното обвинителство, матните зделки со инсуслинот, матните зделки на СВ Инвест во РЕК Битола, зошто нема санкција за градоначалникот на Шуто Оризари кој тепаше граѓанин и стотици други криминали, скандали и афери на власта на Заев. Одговорот е очигледен. Оваа власт за функционерите е мајка, а за народот е маќеа – рече Стојановски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните кои вчера противуставно и насилно беа приведени им нуди бесплатна правна помош, но и на сите останати вакви слични случаи во кои власта, како што рече, противуставно ги крши слободите и правата на обичниот граѓанин.

– Оваа насилна власт на Заев колку повеќе станува нервозна, толку повеќе ќе удира по народот, ама ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните цврсто ќе им се спротивстават и на крајот ќе ги победат – рече Стојановски.

Поврзани содржини