ВМРО-ДПМНЕ: Есенскиот бран на ковид-19 не е снег во мај за да го изненади Филипче
Целиот хаос по болниците и стравот кај граѓаните е предизвикан од неспособноста и надмениот однос на Комисијата за заштита од заразни болести и Венко Филипче, наведено е во соопштението на опозицијата.
Реакциите и активностите на Комисијата за заштита од заразни болести и Венко Филипче се задоцнети и непромислени. Власта предлага мерки кои што ВМРО-ДПМНЕ посочи дека треба да бидат направени уште во март, кога почна пандемијата. Тогаш власта немаше слух и сега ги гледаме последиците од тој нивен игнорантски однос, наведено е во соопштението на опозицијата.
„Филипче тврдеше дека во текот на целата пандемија ќе заболат 2000 луѓе, сега тој број на луѓе заболува за само една недела. И кога виде дека се што презема не вродува со плод, почна да спроведува тоа што ВМРО-ДПМНЕ кажа, но со задоцнување од 7 месеци. Ротацијата на кадар на инфективните одделенија од сите здравствени установи е мерка која што требаше да биде направена уште во март, дополнително на располагање на јавното здравство треба да се стават сите млади лекари и пензионери, исто така власта требаше да го искористи летниот период за зголемување на болничките капацитети. Но ништо од тоа не е направено. Есенскиот бран на ковид не е снег во мај па да се изненади Филипче. Иако сме длабоко навлезени во есента нема вакцини против сезонски грип, не се проширени болничките капацитети, ниту пак има план и стратегија како да се бори против вирусот од кој секој ден се заразуваат неколку стотици наши сограѓани. Целиот хаос по болниците и стравот кај граѓаните е предизвикан од неспособноста и надмениот однос на Комисијата за заштита од заразни болести и Венко Филипче. Токму затоа Филипче треба да си даде оставка, и да се формира нова специјална комисија, се друго е манипулација со граѓаните и работење на нивна штета“, се вели во соопштението.