ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ГИ СПРЕЧИ КРИМИНАЛНИТЕ ЗАКОНИ ЗА ЕНЕРГЕТИКАТА Ковачевски, Зечевиќ и Битиќи го гледаат само својот лукративен интерес
Опозициската партија ќе поднесе 40 амандмани, во кои се вметнати забелешките на низа експерти од различни сфери на општеството, кои доколку би се усвоиле, би гарантирале нормално имплементирање на овие закони.
Четирите закони за стратешки инвестиции во енергетиката се закони со кои се нанесува децениска штета по енергетскиот сектор на Македонија, а служат само за богатење на најтесното раководство на СДСМ. Димитар Ковачевски, Миле Зечевиќ и Фатмир Бетиќи го гледаат сопствениот лукративен интерес, а граѓаните плаќаат за 50% повисоки сметки за електрична енергија, додека домашното стопанство се спасува како знае и умее. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги превземе сите процедурални, демократски и собраниски постапки за да го спречи носењето на овие криминални закони.
Ова го рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на прес-конференција во Собранието на Република Македонија, пред седницата на Комисијата за економски прашања СДСМ, на која, како што рече тој, СДСМ повторно ќе се обиде да ги протурка законите.
– Ќе поднесеме 40 амандмани, во кои се вметнати забелешките на низа експерти од различни сфери на општеството, кои доколку би се усвоиле, би гарантирале нормално имплементирање на овие закони – рече Стојановски.
СДСМ, без поддршка на останатите коалициони партнери, турка закон со кој на грчка компанија ќе ѝ се даде државна помош од близу 50 милиони евра, а дополнително и се гарантира откуп на произведената струја и топлинска енергија по цени далеку повисоки од реалните. Со останатите стратешки закони се дава плодна земјоделска почва за изградба на фотоволтаици, каде повторно државата гарантира откуп на електричната енергија по високи цени, смета опозициската партија.
– Ние, како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за oбнова на Македонија, алармиравме и предупредувавме за штетата која овие закони може да ја предизвикаат.
Владата ги повлече законите, па и покрај забелешките на експертите, јавноста и Министерството за економија ги пушти истите текстови, но со други потписницни, овој пат Битиќи и Шукова.
Сакам да укажам дека со носењето на овие закони, на овие инвеститори им се дава привилегирана положба, Република Македонија се става во подредена положба, што е недозволиво по нашиот Устав и се суспендираат низа закони кои важат за сите останати во правниот промет – нагласи Стојановски.