ВМРО-ДПМНЕ ДОБИ УШТЕ ЕДЕН ГРАДОНАЧАЛНИК Се откажа независниот кандидат во Могила

По повлекувањето на Сашо Пивковски, општината Могила останува без втор круг, Драганчо Саботковски од коалицијата „ТВОЈА МАКЕДОНИЈА“ е новиот градоначалник.

1,308

Независниот кандидат за градоначалник на Општина Могила, Сашо Пивковски, денеска објави дека се повлекува од изборната трка, со што стана јасно дека во вториот круг нема да има гласање, а нов градоначалник ќе биде Драганчо Саботковски од коалицијата „ТВОЈА МАКЕДОНИЈА“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во првиот изборен круг, одржан на 18 октомври, Саботковски освои 1.662 гласа, додека Пивковски доби 1.253.






Пивковски во својата изјава посочи дека одлуката не била лесна, но е донесена по „внимателно размислување и разговори со граѓаните“.

– Ова не беше лесна одлука, но верувам дека е исправна и чесна во овој момент, во интерес на нашата општина и на сите граѓани што живеат во неа. Политиката не смее да создава поделби меѓу луѓето, особено не меѓу пријатели и семејства. Нашата сила е во заедништвото, не во поделбите – изјави Пивковски.

Тој нагласи дека останува лојален на ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека „вистинското лидерство не се покажува само кога чекориш напред, туку и кога знаеш кога треба достоинствено да застанеш на страна“.

– Свесен сум дека оваа вест ќе изненади многумина, но ја носам со мирна совест и со чувство на одговорност. Ќе продолжам да бидам тука – достапен, искрен и подготвен да помогнам секогаш кога ќе има потреба – додаде тој.

Со оваа одлука, втор круг во Могила нема да се одржи, а Саботковски ќе ја преземе функцијата градоначалник на општината.

Поврзани содржини