ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се отвори случај против Заев за помагање во „Рекет“ (ВИДЕО)

617

ВМРО-ДПМНЕ бара МВР и ЈО да ги вештачат уште веднаш мобилните апарати на обвинетите во случајот „Рекет“, а Обвинителството веднаш да отвори случај против Зоран Заев за сторено кривично дело, прикривање и помагање во сторување кривично дело.






– Молкот од СДСМ и Зоран Заев за случајот „Рекет“ е уште една потврда дека Зоран Заев е таканаречена прва виолина во целиот случај „Рекет“. Рекетарската власт на СДСМ и Зоран Заев, сѐ уште не одговори, зошто Зоран Заев молчел од 3-ти април кога го предупредил Бојан Јовановски алијас Боки 13 дека против него се води постапка од странски обвинител, па молчел Заев сѐ до 22 април кога наводно го пријавил случајот кај другарка му Русковска. Да потсетиме на еден факт, а тоа дека никаде не стои официјален запис дека Зоран Заев го пријавил случајот „Рекет“ – рече денеска Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција, додавајќи дека секојдневно сѐ повеќе Заев се заплеткува во сопствените лаги.

Според Арсовски, Заев им оставил 20 дена простор на извршителите на рекетот да се погрижат за да прикријат докази, да губат телефони, да влијаат врз сведоци.

– Постои сомнеж дека целиот тој период можно е и извршителите на рекетот да биле во директна корелација со Зоран Заев и дослух во целата операција за подготвување на оваа судска фарса од случај која ја води другарката на Зоран Заев, Вилма Русковска, на крајно аматерски начин. Затоа, бараме, МВР и ЈО да ги вештачат уште веднаш мобилните апарати на инволвираните, а ЈО иако е под канџите на Зоран Заев да се разбуди, да не спие и веднаш да отворат случај против Зоран Заев за сторено кривично дело, прикривање и помагање во сторување кривично дело. А, понатака како се размотува целото клопче околу случајот „Рекет“ сигурно ќе се стигне и до тоа дека Зоран Заев е нарачател – додаде Арсовски, кој побара Заев да си оди од политиката.

 

 

 

Поврзани содржини