ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциска да отвори случај за СДСМ: Немаат покритие за над 700.000 евра за изборите
Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ информира дека денеска поднеле претставка до Антикорупциската комисија, да отвори случај и да истражи на кој начин и како се финансирала СДСМ во кампањата за предвремените парламентарни избори, затоа што, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, немаат поднесено извештај за потрошени над 700.000 евра.
– Како што рековме на првата прес конференција над 200.000 евра имаат потрошено на закуп за рекламни паноа и билборди. Нормално билбордите беа јавно објавени пакетите, ждребање во ДИК итн. Но не ја сфаќаме причината поради која што СДСМ не се транспарентни кон јавноста. И втората прес конференција каде што обзнанивме дека над 500.000 евра имаат потрошено за рекламирање на социјалните мрежи, Фејсбук, Инстаграм и останатите каде што можат да се рекламираат. Дневно има трошено над 27.000 евра како што реков во текот на кампањата над 500.000 евра, но немаат покритие за истите пари – вели Арсовски.
Тој апелира уште еднаш до Антикорупциската комисија да отвори случај.
– Сомнежот е и на граѓаните, и на јавноста, и на сите останати дека тие пари се финансирани од рекетирањето на бизнисмените кое што го правеше СДСМ, од Луј Витон торбата итн. Но, тоа е работа на институциите која што ќе треба да ја истражат и да ја сведат до самиот крај. СДСМ на овие избори изврши изборен грабеж, изборен поткуп, а тоа го преточи, освен надвор на терен, и во институциите како гласањето на Уредбата во Владата на пет минути пред завршување на вонредната состојба за двојно намалување на средствата за рекламирање и минутите на опозицијата, потоа и со непријавувањето на овие суми на пари, над 700 илјади евра – вели Арсовски.
– Очекуваме брза реакција од институциите. Кога СДСМ не се транспарентни, игнорираат и молчат, очекуваме дека Антикорупциската комисија ќе отвори случај и ќе ја извади вистината на виделина. Во спротивно, ќе сметаме дека и тие се соучесници во целиот овој процес на СДСМ за нетранспарентност и прикривање на пари, односно финансирање од црни пари – вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.