ВМРО-ДПМНЕ БАРА ОСТАВКА ОД СУДИЈКА, СЕСТРА НА ПРАТЕНИЧКА НА СДСМ Судскиот совет да понесе колективна одговорност

Членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители се избрани и именувани лица и не можат да вршат функција во органи на управување како што е управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Антоанета Димовска, сестра на пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска Ванчева, спротивно на закон е назначена за член на УО на Академијата, се наведува во партиското соопштение.

1,004

Со последниот дрзок упад кој што Судскиот совет го направи во Академијата на судии и јавни обвинители, дополнително ќе ја намали довербата на граѓаните во правосудството. Пред недела дена, на 24 октомври, спротивно на закон, Судскиот совет за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, наместо судии, ја назначи Антоанета Димовска, која истовремено е член на Судскиот совет, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Според членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, се забранува избрано или именувано лице истовремено да врши функција на член на орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал. А, токму членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се избрани и именувани лица и не можат да вршат функција во органи на управување како што е управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Тоа е флагрантно кршење на законските прописи. Антоанета Димовска, освен што спротивно на закон е назначена за член на УО на Академијата, треба да се напомене дека е и сестра на пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска Ванчева“, се наведува во соопштението.






Дали роднинските врски со членови на СДСМ бил мотивот на Судскиот совет да го прекрши законот и Антоанета Димовска да ја назначи за член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители? Одговор треба да дадат и од СДСМ и да кажат, која е нивната улога и дали се вмешани во овој избор, прашуваат од владејачката партија.

„Освен одговори, потребно е Димовска да си поднесе оставка од незаконски добиената функција, а Судскиот совет да понесе колективна одговорност за противзаконскиот упад во системот“, се наведува во партиското соопштение.

Поврзани содржини