ВЛОЖУВАЊА ТЕШКИ НАД МИЛИЈАРДА ДЕНАРИ Мицкоски откри колку проекти се реализираат во образованието

Владата најавува финализирање на Клиничкиот центар во Штип, реконструкции во Тетово и Кичево и триесетина образовни проекти вредни над милијарда денари.

1

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарско прашање по повод отворањето нови хируршки сали и плановите за вложувања во образовната инфраструктура, истакна дека Владата работи на паралелна модернизација на здравството и образованието.

Тој посочи дека постои синергија меѓу двата сектора и дека веќе е започнат процес за обезбедување финансиска поддршка од меѓународни финансиски институции за неколку капитални проекти. Меѓу нив се финализирање на Клиничкиот центар, односно Клиничката болница во Штип, заедно со Медицински факултет и студентски дом, како и завршување на проектот за здравствен дом со проширена дејност во Кичево. Планирана е и реконструкција на Клиничката болница во Тетово.






Премиерот изрази очекување дека постапката за обезбедување средства ќе биде завршена во текот на овој месец, по што ќе започне следната фаза од реализацијата.

– Реновирањето и изградбата на сите овие проекти ќе бидат навистина нешто што досега е невидено во Македонија – изјави Мицкоски.

Тој информираше дека паралелно се реализираат и значајни инвестиции во образованието преку Министерството за образование. Во моментот се работи на околу триесетина проекти со вкупна вредност поголема од една милијарда денари, кои опфаќаат изградба и реконструкција на училишта, спортски училишни сали, како и студентски домови.

Според премиерот, овие активности се дел од поширок план за подобрување на условите за наставниот кадар и за учениците и студентите, со цел модернизација на образовниот систем и создавање подобра инфраструктура.

Поврзани содржини