ВЛАСТА ВЕЛИ „ПАТА-ПАТА“, ОПОЗИЦИЈАТА ВАДИ „ТРИ ОД КАРТИ“ Резултатите од локалните избори не се мерило за силата во парламентот
Секој може да си објавува секакви симулации, но треба да се знае дека за да се пресмета силата на политичките партии на централно ниво потребно е да се земат предвид повеќе фактори, коментираат политичките аналитичари откако првиот вицепремиер Артан Груби вчера објави графикон на кој е прикажана симулација за тоа што би донеле изборните резултати доколку локалните избори биле парламентарни.
„Ако бабата беше машко ќе ја викавме дедо“. Оваа стара македонска поговорка можеби најдобро го опишува графиконот што синоќа на Фејсбук го објави генералниот секретар на ДУИ и првиот вицепремиер, Артан Груби, а на кој е прикажана симулација за тоа што би донеле изборните резултати доколку локалните избори биле парламентарни.
Но, судејќи по освоените гласови за советнички листи на локалните избори, податок за кој политичките експерти сметаат дека е најмеродавен за грубо да се пресмета силата на партиите во Парламентот, тогаш и прашањето „што би било кога би било“ добива на значење.
Според резултатите прикажани на табелата што ја објави вицепремиерот, збирот на пратенички мандати на партиите кои сега го сочинуваат владејачкото мнозинство (СДСМ, ДУИ, Беса, ДОМ/ЛДП и ДПТМ) би изнесувал 60, исто колку што би изнесувал и збирот на освоетни пратенички места од опозицијата што ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Најмногу пратеници би освоила ВМРО-ДПМНЕ – 45, СДСМ би имал 36, додека ДУИ – 18. Понатаму, коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива би имале осум пратеници, Левица седум, Беса три, ДОМ/ЛДП – два пратеника и Демократската партија на Турците на Македонија (ДПТМ) – еден пратеник. Без пратеник доколку оди самостојно, би останала ДПА на Мендух Тачи.
Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања (ИПИС), во изјава за Плусинфо вели дека симулацијата што ја објави вицепремиерот Артан Груби не е воопшто меродавна, бидејќи, како што објаснува, таму не е опфатена и перцепцијата која се менува во однос на победникот.
– Во моментов не може да се пресмета силата во Парламентот врз основа на резултатите од локалните избори. Секој може да си објавува секакви симулации, но треба да се знае дека за да се пресмета силата на политичките партии на централно ниво потребно е да се земат предвид повеќе фактори. Еден од поважните фактори е тоа што перцепцијата на гласачите секогаш се менува во однос на победникот, а во минатото сме имале неколку примери кои сведочат за тоа дека народот сака да стои на страната на победниците, а не на губитниците. Тоа најдобро се забележа и сега помеѓу двата изборни кругови на локалните избори кога голем дел од граѓаните кои во вториот круг ја дадоа својата поддршка за партијата која забележа голем резултат во првиот круг. Од друга страна, има луѓе кои чувствувале отпор кон власта, но немале доверба ниту кон опозицијата. Тие во првиот изборен круг обично не излегоа на гласање, но затоа, пак, излегоа во вториот круг и дадоа поддршка за опозицијата која излезе како голем победник во првиот круг. Затоа, постојат многу фактори кои едноставно не можат да се опфатат во една најобична симулација – објаснува Божиновски.
Јас гарантирам дека конечниот резултат на следните парламентарни избори нема да биде изедначен. ВМРО-ДПМНЕ е во голема предност по локалните избори и очекувано е опозицијата да освои уште подобар резултат на парламентарните избори.
Доколку утре се одржат парламентарни избори, додава тој, тогаш власта и опозицијата со сигурност нема да имаат ист број освоени мандати.
– Опозиција и власт не се само ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тие можеби се двете најголеми политички партии во земјава, но секако дека голема улога играат и другите помали партии од власта и од опозицијата. Па така, ќе се кројат и ќе се прекројуваат коалиции, ќе се калкулира, ќе пребегнуваат пратеници од еден табор во друг. Јас гарантирам дека конечниот резултат на следните парламентарни избори нема да биде изедначен. ВМРО-ДПМНЕ е во голема предност по локалните избори и очекувано е опозицијата да освои уште подобар резултат на парламентарните избори, па макар тие би се одржале уште утре – вели Божиновски.
Во целата врева околу исходот на локалните избори се вклучи и белгискиот експерт Петер Ванхојте, кој смета дека треба да се направи јасно разграничување помеѓу локалните и парламентарните избори.
– Локалната власт и централната власт се две јасно одвоени нивоа на управување. Исходите од изборите на едно ниво не треба да имаат влијание на друго ниво. Важно е двете нивоа да се одвојат, бидејќи на севкупната кохезија на политичкиот систем во земјата ѝ е потребна стабилност и граѓаните треба да разберат дека политиката на едно ниво не треба да има непосредно влијание на другото ниво. Замислете градоначалниците да поднесат оставки ако се разочарани од резултатот на националните избори – објаснува Ванхојте.